Третолигаш со 60.000 навивачи

И додека македонскиот шампион го следат во просек по 175 гледачи, во земјите каде вистински се цени фудбалот, навивачите не го напуштаат својот клуб дури ни кога ќе падне на дното. 60.000 навивачи го бодреа бразилскиот третолигаш Санта Круз, клубот кој и во четвртата лига имаше во просек по 39.000 гледачи.

Неверојатна бројка од 60.000 гледачи беше регистрирана на натпревар од Бразил, но не во првата, ниту во втората, туку во третата лига. Оваа маса на навивачи присуствуваше на плејоф натпреварот на кој Санта Круз го совлада Бетим со 2:1 и се пласираше во втората лига.

Ова не е ништо за нив. Рекордот оваа сезона им беше 62.243 гледачи, а за тоа колкава поддршка има овој клуб говори и фактот што на едно гостување во град одалечен три часа возење, Санта Круз беше бодрен од 13.000 навивачи.

Дури и кога играа во четвртата лига на нивните натпревари во просек имаше по 39.000 гледачи.

Колку за споредба, викендов натпреварот помеѓу Крузеиро и Сантос во првата лига го следеа околу 10.000 гледачи.

8 ноември 2013 - 12:33