Уште одамна Рос Баркли од грбот до дланките имал разнобојни тетоважи - шеми, натписи, цифри. Најважна тетоважа му бил датумот од дебитантскиот меч за Евертон – «XX.VIII.MMXI». Баркли заиграл за првиот тим на „карамелите“ на 20 август 2011 година против Квинс Парк Ренџерс.
На рацете имал цветови, ѕвезди, хиероглифи, трајбл. Многу фудбалери сакаат да тетовираат мудри мисли па и Баркли не е исклучок.
Англискиот репрезентативец така го истетовирал цитатот на Аристотел: No notice is taken of little evil. But when it increases it strikes the eye (Малото зло не се забележува. Но кога станува големо боде очи).
Првата тетоважа Рос Баркли ја направил уште на 14 години, иако во Британија законски е можно само од 18 години. Самиот Рос вели дека уште како помал изгледал постар и не го прашувале за возраста.
„Ги правев во младоста. А кога си млад правиш глупави работи и не мислиш на тоа“, вели фудбалерот на Челси.
Во последните две години Баркли работел на бришење на тетоважи од своето тело. Објаснувањето е едноставно - просто му досадиле. „Почуствував дека сакам да ги отстранам, не ме интересираа веќе.“
Рос созреал и на фудбалскиот терен. По тешката сезона лани (пропушти повеќе од пола година поради повреди), се врати сосема спремен. Баркли е стандарден првотимец на Челси кај тренерот Сари. Сезонава забележа шест настапи во стартниот состав во сите натпреварувања а неодамна го постигна и спасувачкиот гол за 2-2 против Манчестер Јунајтед во судиското продолжение.
„Сега имам 24 години и ја разбирам играта. Во голем клуб сум, од мене имаат големи очекувања, а околу мене има фантастични фудбалери. Сето тоа влијае на мојата игра“, рече Баркли по мечот со Јунајтед.
Сега на левата рака од внатрешна страна кај подлактицата му останала една тетоважа. Таа може да се види само од непосредна близина.
Рос вели дека до неа, на не толку видливо место можеби некогаш во иднина би нацртал уште нешто. „Искрено, не исклучувам можност во иднина ако ми се роди дете да ставам таму уште една тетоважа. Не знам.“
Инаку секоја година се повеќе Британци се обраќаат на клиниките со барање да ги отстранат тетоважите како што направил Баркли. По информациите на Британската асоцијација на дерматолози, повеќе од 30% од луѓето кои се тетовирале, сега се покајале за тоа и сакаат да ги бришат.
„Тетоважите најчесто се бришат со ласер но тоа е многу сложена процедура која може да им се довери само на специјалистите“, вели за BBC професор Гери Мозли од Британската медицинска ласерска асоцијација.
„Од година во година расте бројот на луѓе и кои прават тетоважи и на оние кои сакаат да ги отстранат. Ласерот може да биде многу опасен. На кожата може да се појават дамки и пликови а човекот да чуствува пецкање и чешање.
Според истражувањето на Националниот институт за здравје на САД, ласерското отстранување тетоважи е целосно безопасна процедура, но може да има и некои последици како темни или светли траги на кожата кои не може да се отстранат а може да се јават и помали алергиски реакции.
Интересно, за една од главните препораки за опоравување на кожата по бришење тетоважа, дерматолозите препорачуваат занимавање со спорт.