Теориите поради кои Мауро Икарди нема да оди на Светско

Во репрезентацијава на Аргентина летово нема да го видиме еден од најефикасните напаѓачи на светот а причините за тоа се од крајност во крајност. Некој смета дека Меси одлучува за сè кај „Гаучосите“ и дека поради тоа Мауро не добил повик.

Селекторот Хорхе Сампаоли има елитен избор на напаѓачи (Меси, Дибала, Игуаин, Серхио Агуеро), но земјата е разочарана: главниот спортски медиум во Аргентина Ole напишал дека непоканувањето на Икарди е голема неправда затоа што тој сезонава е поефикасен од сите освен од Меси (34 гола).

Мауро ја освои титулата најдобар стрелец во Серија А заедно со Чиро Имобиле - двајцата имаат по 29 гола и е далеку пред Дибала (22 гола) и Игуаин (16).

Мауро Икарди редовно е изоставен од составот на Гаучосите и за репрезентација запиша само 4 настапи и покрај фантастичната форма во која игра веќе неколку години (постигна повеќе од 100 гола во Интер и стана капитен на само 25 години).

Односот на Икарди со репрезентацијата на Аргентина велат е позамрсен од односот на херојот Џад Лоу со Бог во серијата „Младиот Папа“.

Зошто е така?

***

Се започнало во април 2012 година. Икарди тогаш имаше 19 години и ја играше првата сезона за Сампдорија. Тој април добил и повик да заигра за младата репрезентација на Италија (татко му и мајка му се родом од Венеција).

Но Мауро одлучно одбил затоа што мечтаел само за Аргентина. Во 2017 година тој повторно ги уверил сите дека не зажалил за тоа: „Се што постигнав е поврзано со Италија, но отсекогаш сонував да го носам дресот на Аргентина. Така што, се разбира, не жалам за ништо. Уште сум млад, а во Аргентина играат најдборите напаѓачи на светот. Морам само да продолжам да давам голови и да бидам ведар“, изјави Мауро.

За помалку од пола година Мауро сфатил дека истрајноста не била залудна: Аргентинците го викнаа на неофицијален Куп за млади репрезентации во Валенсија. На 14 август го одигра првиот меч против Германија а после пет дена даде гол против Јапонија.

Турнирот заврши прекрасно за него: Аргентина го освои златото а Икарди стана најдобар стрелец со 3 гола.

После една година, во октомври 2013, Икарди доби повик за сениорската селекција: селекторот Алехандро Сабеља му даде на напаѓачот на Интер 7 минути на мечот со Уругвај во квалификациите за Светско 2014 (2:3).

Во првата сезона на „Џузепе Меаца“ Икарди даде 9 гола на 22 натпревари - сосема добро за 20-годишно момче кој само што почна сениорски фудбал. Но Мундијалот во Бразил го пропушти. Следните 3,5 години Аргентина играше без Икарди во напад.

Целиот проблем е поради жената на Макси Лопез?

За цело тоа време додека не играше за „Гаучосите“ Икарди стана суперѕвезда на Интер и Серија А, напиша автобиографија и страшно се скара со навивачите на клубот.

Во меѓувреме Херардо Мартино го смени селекторот Сабеља во Аргентина а набрзо на клупата седна и Едгардо Бауза но никој не ги ценеше одличните настапи на Маурито (38 гола во Серија А за две сезони).

Аргентинските медиуми пишувале дека Икарди го игнорирале не од тактички причини, туку поради неговиот личен живот.

Италијанските новинари дознале дека уште кога бил во Сампдорија Икарди буквално му ја земал жената на својот другар и соиграч Макси Лопез. Девојката се вика Ванда Нара, таа е модел, танчерка и поранешна порноглумица. Макси Лопез со неа имал три деца коишто сега растат заедно со Мауро Икарди кој подоцна доби две деца со Ванда.

„Кога бевме во Аргентина еднаш, Макси мене ме измами со воспитувачката на децата. Имаа секс додека јас спиев во другата соба со децата. А потоа таа го обвини за сексуален напад. Бевме и на суд. Видов 25 смс пораки кои потврдија дека имале историја. Макси го правдаа иако тоа ништо не смени. Останав со него само поради децата. Многу пати му простував, дури не знам ни како. Кога почнав да се гледам со Мауро веќе бев разведена од Макси. Се откажав од сите негови пари. Кога Макси дозна дека сум вљубена во Мауро изјави дека тоа го правам иако официјално сум негова жена. Него го мачеше што најдов подобар, помлад, мил дечко кој е спремен да се грижи за мене и децата. Кога се разделивме, Макси кажа: „Кому му требаш ти со три деца? Ти ќе останеш сама“. Но се случи чудо. Марио е зрел маж во тело на дете. Ми кажа дека сака деца но прво да се земеме“, раскажала Ванда Нара еднаш за големиот скандал.

На социјалните мрежи Икарди се фалеше со тетоважи со ликот и името на Ванда а таа објави фотографија каде агентот на ФИФА Летерио Пино држи слика со ветеранот Диего Милито со натпис: „Пројде време на принцевите, дојде времето на Икарди“.

Во таков безумен пекол и скандали, тие двајца ја одржале врската што особено го наљути Диего Марадона кој изјави: „Икарди е предавник. Тој дошол дома кај Макси Лопез, зборува со него како најдобар другар а потоа му ја зема жена му. Знаете како би постапиле со таков лицемер во мое време? Би го ставиле на средина и би го прекршиле“.

 Во есента 2016-та аргентинското телевизиско шоу Final Debate извадиле јака приказна од некој инсајдер: Наводно повикот на Икарди во репрезентација го блокира лично Лео Меси кој и натаму комуницира со Макси Лопез (заедно беа во Барселона).

Цела Аргентина брзо поверувала во таа верзија затоа што репрезентацијата играше слабо во квалификациите за Светско 2018 (во тој момент две нерешени и пораз од Парагвај) и сакале да го видат Икарди во составот.

Но Макси Лопез ги демантирал сите гласини: „Не сум бил во Барселона од 2007 година и веќе 10 години не сум разговал ниту со Меси ниту со Маскерано“. Но теоријата за власта на Меси останала жива.

Неодамна Хернан Креспо потврдил: „Во шеснаесетник на Икарди му нема рамен. Кога ќе сочека центаршут тој е убиец. Брзо размислува, физички е јак како бик, игра со двете нозе и ги добива сите воздушни дуели. После Роналдо и Меси кои се од друга планета, неколку напаѓачи се борат за третото место и Икарди е меѓу нив. Зошто не оди на Светско? Како што сфатив не е близок со Меси, а селекцијата на Аргентина се состои од магичен круг, сфаќате? Икарди не е во тој круг и затоа не оди на Мундијалот. Тоа е мое мислење. Тоа е грешка зошто на Аргентина и треба таков напаѓач но Сампаоли и Меси не мислат така“, кажал отворено Креспо како стојат работите.

 Во 2016-та година, братот на Диего Чоло Симеоне, Карлос Дибос којшто бил тренер во репрезентацијата од 2006 до 2008 година, вака ја опишал улогата на Лионел во Аргентина: „Тој поставува селектори, бира состав, ја спрема тактиката. Управува буквално со се. За ова знаат сите во Аргентина но не зборуваат на глас затоа што тоа мислење е непопуларно во земјата.“

Во 2012 година Алехандро Сабеља приметил дека влијанието на Лео е големо не само на теренот туку и надвор од него. Тогаш Меси имаше само 24 години.

Лионел силно ги демантирал овие гласини дека управува со репрезентацијата: „Зборуваат за тоа дека јас не сум сакал да го видам Икарди а тоа е страшна лага. Како и тоа дека влијаам врз составот. И општо да зборуваат дека така добар играч не дошол во репрезентација само зошто не е близок со Меси е непочит кон тој фудбалер. Никогаш и никаде не сум го блокирал повикот на Икарди во репрезентација. Не раководам со екипата и не носам решенија“, изјавил Меси.

****

Постои верзија и дека не се вклопувал во тактиката

Во мај 2017 година Икарди добил покана од „Гаучосите“. Селекторот Хорхе Сампаоли го викнал за двете пријателски против Бразил и Сингапур но ниту еднаш не го пушти на терен. Икарди подоцна играше против Уругвај, Венецуела и Еквадор во септември и октомври (не даде ниеден гол).

„Да се вратам во репрезентација ми беше сон. Во последните четири сезони во Интер направив многу за да се изборам за место во составот на Аргентина“.

Присуството на Икарди во Аргентина го нервирало Марадона

 „Кога ќе видам на актуелниот сосав, се нервирам. Мислам дека има подобри играчи од оние што ги вика Сампаоли. На пример да не го викнеш Игуаин значи дека пропушташ неверојатни можности. Особено ако него го заменува Икарди кој го викаат новиот Батистута. Икарди игра затоа што за него се залага Хавиер Занети. Еднаш зборував со Едгардо Бауза и ми кажа дека три пати му ѕвонела жена му на Икарди Ванда Нара. Тој ја прашал: Од каде ти тебе мој број?“

Хорхе Сампаоли од тие три меча во квалификациите веќе не го повика Икарди. Во март годинава изјави дека Мауро нема да добие покана за Мундијал само од тактички причини.

„На пример Дибала многу тешко се привикнува на нашиот стил на игра. Ние не можевме да му ја подобриме играта. Со Икарди е иста ситуација. Да ги споредуваш неговите настапи за Интер и за репрезентација не е во ред. Нам ни треба повеќе работа но немаме многу време. Можно е адаптацијата во Русија да не оди брзо. Не го исклучувам Мауро но морам да пазам на тоа што го гледам на теренот“.

На крајот, Дибала ќе оди во Русија а Икарди не.

***

Голмани: Серхио Ромеро (Манчестер Јунајтед), Вили Кабајеро (Челси), Франко Армани (Ривер Плејт);

Одбрана: Маркос Рохо (Манчестер Јунајтед), Федерико Фасио (Рома), Николас Отаменди (Манчестер Сити), Маркос Акуња (Спортинг Лисабон), Едуардо Салвио (Бенфика) Николас Таљафико (Ајакс), Габриел Меркадо (Севиља), Кристијан Ансалди (Торино);

Среден ред: Максимилијано Меса (Индепендиенте), Хавиер Маскерано (Хебеј Чајна Форчун), Мануел Ланзини (Вест Хем), Џовани Ло Селсо, Анхел Ди Марија (двајцата ПСЖ), Лукас Биља (Милан), Евер Банега (Севиља), Кристијан Павон (Бока Јуниорс).

Напад: Гонзало Игуаин, Пауло Дибала (двајцата Јувентус), Лионел Меси (Барселона), Серхио Агуеро (Манчстер Сити).