Темната страна на судијата кој со еден збор направи хаос во Лига на шампиони

Себастијан Колцеску, романскиот судија кој на „Парк на принцовите“ во Париз стана најголем негативец на колото во Лига на шампиони, имал чудно минато.

Мечот ПСЖ - Башакшехир во последното коло од ЛШ се прекина во 14' минута откако четвртиот судија Колцеску од Романија го пријавил помошникот тренер на турскиот клуб, Камерунецот Пјер Вебо кај главниот судија.

Кога Овидиу Хатеган прашал кого треба да исклучи, Колцеску рекол „Овој црниот“.

Од тој момент изби права бура на теренот и фудбалерите на двата тима го напуштија теренот. Мечот треба да се доигра вечерва со почеток од 14 минута.

КОЈ Е РОМАНСКИОТ СУДИЈА СО ЗНАЧКА НА ФИФА КОЈ ИСПРОВОЦИРА ГОЛЕМ СКАНДАЛ?

Себастијан Колцеску (42) е роден во Крајова. Дебитирал во романската Лига пред 17 години кога имал 26. Како млад судија имал неколку спорни натпревари и одлуки кои провоцирале скандали.

Чиновниците во ФИФА дознале за неговото слабо судење во Романија и го тргнале од списокот судии. А романската фудбалска федерација во еден момент го отстранила од работа за официјални натпревари.

Оваа ситуација му влијаела и на бракот, па во 2007-ма се развел од жена му.

Отказот многу го погодил па Колцеску дури и се обидел да се самоубие. Сакал да скокне од прозор од трет спрат, но полицијата го спречила. Подоцна признал дека тоа му бил втор обид за самоубиство, пишува шпанска Марка повикувајќи се на новинарот Хаиме Сандовал од La Octava Sports.

Наскоро доживеал уште еден удар. Иако го вратиле на списокот судии, тој за време на еден меч од романската лига добил порака од сестра му дека татко им починал. Колцеску после натпреварот ја прочитал пораката и долго плачел во судиската соблекувална.

И покрај сите незгоди, тој успеал да се врати на највисоко судиско ниво во Романија, а во 2013-та неговото име одново било на списокот судии со значка од ФИФА. 

Сеонава 2020/2021 како главен судија во еврокупови судел само еднаш и тоа мечот меѓу Широки Бријег и Кајрат Алмати во 1. коло од квалификации за Европа Лига.

Бил главен судија и на меч од младинска Лига на шампиони меѓу Атлетико Мадрид и Галатасарај како и четврти судија во сениорската Лига на шампиони меѓу Шахјтор Доњецк и Реал Мадрид минатата недела.

Пред две недели во Романија тој имал контроверзни одлуки на средбата Газ Метан Медиас - ФЦСБ.

„Целата кариера на Колцеску е полна со мрачни моменти. Тој можеби е талентиран, но треба да се посвети на нешто друго како музика или танц. Во судење мора да остане непристрасен. На секој судија му се допуштени човечки грешки, но не волку. Нема натпревар во кој тој директно не влијаел врз резултатот“, вели поранешниот романски судија Адријан Порумбоју.

Во една прилика, експлицитниот газда на Стеауа Букурешт, Џиџи Бекали рекол: „Мислам дека Колцеску треба да се повлече зошто јас би судел подобро од него!“ 

Во 2013-та на меч меѓу Петролул и Газ Метан поделил 7 црвени картони и 13 жолти. Откако дал еден од црвените картони, фудбалерот го нападнал, па Колцеску го зграчил за врат. Во 2015-та додека го судел мечот Астра - Стеауа, на гостите им поништил три гола.

Сега одново ја упрскал работата.

За да му посочи на главниот арбитар на мечот ПСЖ - Башакшехир дека некој од клупата на гостите неспортски се однесува, Колцеску го употребил зборот “negru“ кој на романски значи „црниот/црнецот“.

Реалната сила на овој збор во денешно време е огромна, затоа што сите официјални лица се под лупа и затоа што се смета за расистичка.

Поради тоа центарфорот на Башакшехир, а некогаш голгетер на Њукасл и Челси, Демба Ба, го нападна вербално Колцеску синоќа: „Кога збориш за белец, не викаш „овој белецов“, зошто тогаш кога зборуваш за црнев, употребуваш „овој црнецов“? Зошто?“

УЕФА се обиде да ги врати двата тима на терен, гостите од Турција барале 4-от судија да го напушти стадионот и на негово место крај аут линијата да стои друг помошен судија, но УЕФА во ВАР собите има само двајца арбитри без резерви, така што едната соба со камери би останала празна.

На крајот мечот се одложи и ова е голем удар за УЕФА која досега никогаш не се соочила со скандал нивен судија да биде причина за прекинат меч. УЕФА е ригорозна кога расизмот е во прашање, таа што Колцеску може да се збогува со својата меѓународна кариера.