Сè она што земаме здраво за готово, почнало на едно место - на култниот стадион „Ацтека“ во Мексико.
Светско првенство во земјата на сомбрерото и текилата за првпат се играло во 1970-та година. Токму тогаш фудбалот добил боја. Настанала права технолошка револуција! Светот првпат преку малите екрани го гледал Мундијалот во полн колор.
Замислете го тој шок за милиони луѓе кога на екраните им се појавиле силно жолтите дресови на Бразил, сината опрема на Италија и силното сончево небо над „Ацтека“.
А на теренот?
Па, режисерите не можеле да посакаат поубаво сценарио! Марио Загало на терен таа 1970-та извел права фудбалска уметност: Пеле, Жаирзињо, Тостао, Ривелињо и Карлос Алберто. Совршена екипа за раѓање глобален телевизиски спектакл.
Бразилците со магичен фудбал ја совладале Италија 4-1 во големото финале каде Пеле го отворил резултатот со прекрасен гол со глава.

МЕКСИКО 1986, КУЛТНИТЕ ГОЛОВИ НА ДИЕГО МАРАДОНА
По блескавото Светско на Пеле 1970-та, Мексико 16 години подоцна добил домаќинство за уште еден Мундијал. Оној во 1986-та.
Шоу програм на Марадона! Шеснаесет години подоцна, ист стадион но друг волшебник. Мундијалот '86 останува запаметен како „првенството на Марадона“.
Токму на култниот тревник на „Ацтека“ Диего против Англија во само неколку минути ги режираше двата најпознати моменти во историјата на фудбалот.
Прво го измами буквално цел свет и со рака ја спакува топката во мрежа а после изјави дека тоа не била негова туку „Божија рака“, а потоа со истата таа топка направи чудо и го постигна најубавиот гол на сите времиња. Ги издрибла речиси сите до еден противнички фудбалери, пола англиска репрезентација и го постигна „голот на векот“. Аргентина на истиот стадион подоцна го освои шампионскиот пехар и стана светски првак.
Храмот на фудбалот кој пишува историја....
Во четврток „Ацтека“ ќе стане првиот стадион во историјата кој бил домаќин на дури 3 Светски првенства, односно имал 3 свечени отворања.