
Македонија од клупата попладнево во Астана ја водеа помошниците на селекторот Благоја Милески кој беше суспендиран поради парни картони.
Во составот за разлика од мечот со Белгија каде остваривме реми, селекторот се реши за три измени па влезе дебитантот Деспотовски на десен бек, а во средниот ред и нападот се најдоа Дарко Чурлинов и Александар Трајковски.
Од стартот на мечот на Арената во Астана домаќините го запоседнаа поседот на топка а Македонија свесно им ја препушти контролата и чекаше шанси од противнапади.
Од такви две полу-контри се појавија шанси за Елмас и Чурлинов кои беа непрецизни.
Казахстанците прва закана кон голот на Столе Димитриевски имаа во 15' минута кога шпицот Максим Самородов шутираше но за наша среќа непрецизно.
Во 33' минута гол за Македонија. Александар Трајковски феноменално пречека една одбиена топка која лебдеше во воздух и со волеј шут од прва го совлада Сеисен за водство 0-1.
Домаќините на седум минути пред крајот на основното време во првиот дел бараа пенал по еден старт во македонскиот шеснаесетник но судијата по консултација со ВАР собата одмавна со раката.
Во вториот дел Казахстан тргна во целосна офанзива. Имаа неколку сериозни закани кон голот на голманот на Валенсија Столе Димитриевски но стативата два пати му беше сојузник на Кумановецот.
Во вториот дел помошникот тренер Роберт Стојановски ги искористи сите пет измени, во игра влегоа Димитар Митровски, Елези, Стефан Ашковски, Јани Атанасов и Милан Ристовски но ниту еден од нив, за волја на вистината не донесе драстична промена во нашата игра.
Имаа домаќините поголем посед на топка (55% наспроти 45%), имаа повеќе вкупно удари кон голот (12 против 9) и попрецизни додавања (84% наспроти 81%) но на крајот се бројат головите.
Следуваа периоди во кои Казахстанците сериозно кружеа околу македонскиот гол, но за среќа сите обиди им завршуваа со очајни центаршути или удари далеку од рамките на голот на Димитриевски.
Македонската одбрана до крајот успеа да го сочува водството, репрезентацијата славеше победа 0-1 и освои три злато вредни бода во трката за пласман на Мундијалот 2026.
Црвено-жолтите после четири кола имаат 8 освоени бода и се први на табела. На Мундијал 2026 одат само првопласираните селекции а второто место ќе игра во баражот.
Македонија квалификациите за Светско првенство 2026 ги продолжува во септември, кога во Скопје гостува Лихтенштајн (7 септември), а потоа следи гостување кај Белгија во Брисел (10 септември).