Меѓу 24 јануари и 14 февруари пред 30 години, фудбалските Богови го свртеле погледот кон еден град во Уругвај на границата со Аргентина.
Овој град со 100.000 жители се вика Салто и во 1987, на само три недели разлика еден од друг, се родени двајца од најголемите напаѓачи во светот: Единсон Кавани и Луис Суарез.
Овие врвни фудбалери ќе се сретнат на „Паркот на Принцовите“ во Париз во првиот меч од осминафиналето на Лигата на шампионите. И покрај тоа што на теренот ќе има ѕвезди како Меси, Нејмар, Лукас и Ди Марија, очите на јавноста ќе бидат вперени кон нив двајца.
„Најубав подарок за роденден? Позитивен резултат вечерва“, одговори Ел Матадор на прашањето што сака за 30-от роденден.
Големиот меч против Барса ќе го игра на денот на својот роденден, но забавата би можел да му ја расипе неговиот сограѓанин и компањон од репрезентацијата. И двајцата играат за Уругвај.
И покрај тоа што се родени во Салто, Суарез како мал го напуштил градот, додека Кавани живеел таму до полнолетство пред да замине во главниот град. Дури и во Монтевидео не играле во тандем, затоа што Единсон потпишал со Данубио кога Луис играл за Национал.
Салтото во Европа им било речиси истовремено: Во 2006 холандскиот Гронинген го довел неверојатниот талент, а една година подоцна Кавани го облече дресот со број 7 на Палермо.
Откако се дојдени на Стариот континент двајцата дале вкупно 572 гола, а во репрезентацијата се прв и втор најдобар стрелец во историјата на Уругвај: 47 гола на 90 меча за Суарез, 37 на 87 за поранешниот напаѓач на Наполи.
Ел Матадор и Ел Пистолеро минуваат фантастичен период од своите кариери. Со заминувањето на Ибрахимовиќ кај Мурињо во Манчестер Јунајтед, Кавани покажа што може: Во Лига 1 досега даде 25 гола на 22 натпревари, додека во Лига на шампиони е на квота од 6 гола на 6 меча.
Од друга страна, Суарез ги повторува страшните статистики од минатата сезона и во моментов е Пичичи (најдобар стрелец) во Ла Лига со 18 голови. Се наоѓа пред Меси и Кристијано Роналдо.
И двајцата Уругвајци се во трка за ’Златната копачка’ за најдобар стрелец во Европа, но пред тоа ќе мора да се судрат во осминафиналето на ЛШ.
И ако Суарез му ја расипе роденденската забава на 9-ката на ПСЖ, на 9.500 километри далеку од ’Паркот на Принцовите’ сигурно ќе има некој кој ќе наздрави во чест на двајцата кои пред 30 години првпат го здогледале овој град на реката Рио Уругвај на границата со Аргентина.