Студениот туш на Бугарија на Градски кога дојде како четврта во свет

Сурфајќи периодов на оваа тема, ни излезе видео кое не можевме да не го споделиме. Треба да знаат помладите дека Бугарите предводени од легендарниот Христо Стоичков, на Мундијалот во САД 1994 стигнаа до сензационално полуфинале и како такви ги совладавме во Скопје.

Се работи за трет пријателски натпревар меѓу Македонија и Бугарија одигран на 25 март 1998. Гостите пред да патуваат на Светското во Франција, ни гостуваа како селекција со заебана генерација која оствари чудесни резултати на СП 1994.

Во група ги совладаа Аргентина и Грција и тоа Аргентина со Батистута, Ортега, Каниџа, Симеоне, Редондо и покрај стартот со пораз од Нигерија.

Во осминафинале го елиминираа Мексико на пенали, а во четвртфинале една Германија која беше бранител на титулата со легенди како Клинсман, Ефенберг, Матеус, Бреме, Марио Баслер...

Стигнаа до неверојатно полуфинале против Италија кое го загубија 1:2. Стрелец на двата гола беше Роберто Баџо. 

Прв стрелец на првенството беше Христо Стоичков кој заедно со Олег Саленко имаа по 6 гола.

Таа најславна генерација на Бугарија падна на Градски, а стрелец на победничкиот гол за Македонија беше Ѓорги Христов. Какви времиња, химната уште се интонираше со воен оркестар.

Состави:

Македонија: Милошевски, Седлоски, Николовски, Стојковски, Мемеди, Тони Мицевски, Христов, Шаќири, Гошев, Треневски, Захариевски (замени: Веселиновски, Ѓузелов, Шаиноски) селектор: Ѓоко Хаџиевски

Бугарија: Здравков, Гинчев, Иванов, Петков, Зафиров, Кишишев, Балаков, Христов, Пенев, Стоичков, Тодоров (замени: Бачев, Нанков, Илиев, Боримиров, Стоилов)

29 септември 2022 - 11:42