Во Нирпед, центарот каде што растат младите на Андерлехт, правилата се строги. Не се дозволени тетоважи и обетки, а на криво ги гледаат и оние играчи кои имаат прекари.
Во соблекувалната до скоро дури виселе и две фотографии, една од Касано и една од Балотели. Над нив било напишано: „Ти не си таков“, раскажува сведокот Масимо Сарчи, тренер од Палермо кој во 2006-та емигрирал во Белгија за да работи со млади таленти.
Од академијата во Милан па се до онаа на Андерлехт, Сарчи запознал многу играчи, а меѓу нив и браќата Ромелу и Џордан.
„Не го тренирав Ромелу, но добро го запознав. Првата работа што ми остави впечаток беа неговата смиреност и сталоженост. Кога се појавуваше во базата ги поздравуваше сите, па дури и тие кои не ги познаваше. Беше културен, точен, дете на место“.
Совршен стил на Андерлехт, клуб кој пред сè ја тренира главата на играчот.
„Во основата на нивната методологија за работа е менталната брзина. Вежби, тренинзи, па дури и начини на дружење со соиграчите. На кратко, сè она што се прави на еден фудбалски терен, но со двојно поголема брзина. Начин на работа кој не му се допадна на Ромелу, бидејќи тогаш беше многу помалку добар од што е сега и побавен“.
Џордан му намести гол на брат му на пријателска против Португалија
Но со многу работа и посветеност, веднаш се видел напредокот.
„Беше еден од оние кој доаѓаше прв, а последен си заминуваше. Од суров гигант, стана смртоносен напаѓач. Неговата физичка структура беше импресивна уште од многу млад. Беше долг, ама не и брз и со тек на време почна да работи и со десна и со лева и да има се поголема рамнотежа. Според физикусот, не беше модел на играч од Андерлехт, но со брзиот начин на размислување го направи одличен напаѓач“.
Лукаку уште од млад давал многу голови и во Нирпед имал многу обожаватели. Број 1 бил неговиот брат кој е помал една година од него. Кога Ромелу направил трансфер во Челси, Џордан прво нешто што правел после натпревар му се јавувал за да го праша како поминал.
Браќата Лукаку се силно поврзани уште од рано детство кое им поминало во сиромашија, иако малкумина во Андерлехт знаеле за нивната тешка финансиска состојба. Биле познати како мирни луѓе и живееле во една од најсиромашните квартови во Брисел.
„Никогаш не помисливме на една таква ситуација како што потоа ја раскажа Ромелу, дека имале еден кревет за двајца, малку храна и многу тешкотии за да го истуркаат месецот. Постоеше чувство дека се сиромашни, но не сакаа тоа да го покажуваат“.
Tешко можело да се забележи и затоа што Џордан било ретко да се види без насмевка која му била испринтана на фаца.
„Џордан беше многу мил, весел и секогаш поразличен од Ромелу. Спремен секогаш за правење шеги. Еднаш бевме на подготовки во Палермо. Се сеќавам на една вечер кога пееше и не забавуваше. Цел тим се смееше со него“.
Различни се, ама обединети отсекогаш, браќата Лукаку се сретнаа повторно во Италија, едниот во Интер, другиот во Лацио. Кога сезонава играа еден против друг, Ромелу објави слика од двајцата и напиша: „Почнавме од дното и стигнавме тука“.
Тоа е на некој начин и исполнување на сонот на нивната мајка која во најтешките времиња се молеше за нив да успеат.