Во соопштението на клупскиот сајт, Парма соопшти дека нов претседател ќе биде Пијетро Дока, потпретседател ќе биде адвокатот Фабио Џордано, а спортски директор на клубот останува досегашниот Пијетро Леонарди.
„Пресреќен сум што конечно можам да им соопштам на сите навивачи на Парма дека по тешките преговори, операцијата за ново раководство успешно заврши. Со моите нови соработници ќе се трудиме клубот да има успешна иднина. Му заблагодарувам на Томазо Гирарди, за неговата посветеност за доброто на Парма", изјави Пијетро Дока, новиот претседател на „млекарите".
Газета дела Парма пренесува дека правото име на Пијетро Дока е Петрит Дока. Станува збор за 43-годишен бизнисмен кој беше претставник за Италија на нафтената компанија Тачи Оил.
Прв човек на оваа компанија е Резарт Тачи, милијардер од Тирана, кој во минатото имаше аспирации да го купи Милан. Во позадина на целата приказна за новото раководство на Парма стои руско-кипарска нафтена компанија, која решила извесно време да остане во втор план и да го поддржи Пијетро Дока, новиот газда на Парма.
Официјалната промоција на целата управа е закажана за петок во 19 часот, во клупските простории на Енио Тардини во Парма. „Млекарите“ следниот викенд ќе бидат слободни во првенството, затоа што Наполи во понеделник ќе го игра Супер Купот на Италија, против Јувентус во Кина.