Според тоа што го поседува Баерн Минхен, се чини дека и оваа година нема да има достојни ривали во германскиот фудбалски шампионат. Има годишни приходи од 487 милиони евра, помалку само од Манчестер Јунајтед (518) и Реал Мадрид (549,5).
Има рекорди 25 титули, шампиони беа во 2013, 2014 и 2015 година, тоа е четврти пат во историјата да слават три пати по ред. Доказ за нивната доминација е што лани станаа прваци на четири кола пред крајот, а преклани на седум кола пред крајот на првенството.
Пеп Гвардиола има екипиште составено од Нојер, Бенатиа, Рибери, Робен, Левандовски, Милер..., а конкуренцијата во тимот ја зголеми со Артуро Видал од Јувентус кој го купија за 37 милиони евра, најскапиот трансфер ова лето во Германија.
Се засилија и со бразилското крило Даглас Коста од Шахтјор Доњецк, како и со младиот Џошуа Кимих кој играше за Штутгарт и Лајпциг и кој е лидер на селекцијата на Германија за играчи до 21 година. Единственото разочарување на навивачите е продажбата на Швајнштајгер кој замина во Манчестер Јунајтед.
Актуелниот германски шампион ја крева завесата во Бундеслигата вечерва со почеток од 20:30 часот против Хамбург, единствениот клуб со 53 учества во историјата кој инаку избегна опстанок последните две сезони во директните дуели против Гројтер Фурт и Карлсрухер.
Баерн има тим со просечна возраст на играчи од 26,2 години, а повозрасни во просек се само фудбалерите на новиот прволигаш Дармштат (26,7). Играчите во германското првенство во просек имаат по 24,7 години, а помлади се само во Холандија (23,2).
48% од играчите во Бундеслигата се странци или точно 248. Најмногу се Швајцарци (21), потоа Бразилци (20), Австријци (18), Јапонци (12), а од Италија има само четворица.