Пирамидата на Гвардиола е старомодна или модерна?

Шпанскиот стратег во првите две сезони на Алијанц арена освои 5 трофеи, а тоа му дава за право да експериментира со формацијата колку што сака се додека му носи резултати. Според некои таа што ја користеше против Волфсбург и Келн изумрела во 30-те, но неговиот тим даде 7, а прими 0 голови.

Баерн Минхен синоќа го совлада Волфсбург на гости со 1:3 во рамките на германскиот куп, а Пеп Гвардиола изненадувачки се појави со формација 2-3-5. Дали е тоа демодирана формација или појачана офанзива не е толку важно, најважно е што му донесе три гола во првите 34 минути од мечот.

Волфсбург е тимот против кој Левандовски минатиот месец ги постигна рекордните 5 гола, а вчера стрелци беа Даглас Коста со два и Милер со еден гол.

2-3-5 се покажа како успешна формација за Гвардиола и во саботата против Келн кога Баерн Минхен победи со 4:0 и стана првиот клуб со 1.000 победи во Бундеслигата.

Тики-така играта на Гвардиола некои ја критикуваа дека е досадна, а оваа 2-3-5 на последниве два меча дека е старомодна. Фактите на Баварците по првите 10 кола во домашното првенство се 10 победи, 33 дадени и 4 примени гола.

28 октомври 2015 - 12:38