Стадион „Диего Армандо Марадона“, Неапол
Градските власти во Неапол во договор со управата на Наполи уште првиот ден по смртта на фудбалскиот великан, решија да ја прифатат идеја стадионот „Сан Паоло“ да биде преименуван во чест на Диего Армандо Марадона.
Човекот кој во црните денови по клубот Наполи дојде и му донесе 2 шампионски скудета, во исто време го обедини целиот град кој се идентификува со клубот.
Стадион „Џузепе Меаца“, Милано
Култниот храм на фудбалот, кога на него игра Милан се вика „Сан Сиро“, а кога игра Интер е посветен на Џузепе Меаца, легендарен италијански фудбалер од крајот на '20-те до крајот на '40-те години.
Важел за најдобар играч на своето време, симбол на Интер со кого освојувал Скудета и награди за најдобар стрелец. Меаца два пати станал светски шампион со Италија, а во меѓувреме играл и за Милан.
Стадионот кој отсекогаш се викал „Сан Сиро“, го добива и името „Џузепе Меаца“ по неговата смрт на 2 март 1980-та.
Стадион „Луиџи Ферарис“, Џенова
На овој стадион во градот со едно од најстарите пристаништа на светот, неколку сезони игра и нашиот капитен Пандев.
Овој стадион, кога на него игра Сампдорија се вика „Мараси“, а кога е домаќин Џенова тогаш го носи името Луиџи Ферарис, клупска икона.
Стадионот е изграден уште во првата деценија од минатиот век а бил реконструиран во 1932. Од 1933-та го носи името Луиџи Ферарис во чест на играчот кој починал за време на Првата светска војна.
Стадион „Гранде Торино“, Торино
Фудбалски стадиони не се именуваат само по легендарни играчи кои оставиле длабока трага, туку и по цела една генерација.
Таков е случајот со Торино кој во 2016-та реши стариот „Комунале“ да го преименува во чест на трагично загинатата екипа од 1949-та година, тим кој играл неверојатен фудбал, освојувал трофеи, и чии членови загинале во авионска несреќа.
На времето Јувентус и Торино го делеа овој стадион, но од 2011-та година на него играат само „биковите“.
Стадион „Ромео Менти“, Виченца
Во чест на некои членови на гореспоменатиот славен тим на Гранде Торино се именувани неколку стадиони во Италија. Таков е случајот со „Ромео Менти“ во Виченца. Ромео ја почнал кариерата токму во овој клуб, а подоцна се прославил во Торино.
По него се вика и стадионот на Јуве Стабија, клуб за кој Менти настапувал извесно време. Во Бреша стадионот е именуван во чест на Марио Ригамонти, уште еден член на Гранде Торино.
„Пушкаш Арена“, Будимпешта
Легендарниот унгарски фудбалер кој најславните денови ги имал во Реал Мадрид, одбележал една ера од '40-те до '60-те години од минатиот век кога освоил се што може да се освои со клуб и репрезентација.
Модерниот стадион во Будимпешта на кој ќе се играат и натпревари од Евро 2020 е наречен по Ференц Пушкаш. На него игра репрезентацијата на Унгарија. Го отворија свечено во ноември 2019 а беше изграден наместото на стариот стадион изграден во '50-те години.
„Јохан Кројф Арена“
Уште еден чудесен стадион посветен на еден од најголемите играчи на сите времиња. Изграден во 1996-та, долго време беше познат како „Амстердам Арена“ но во 2018-та година (со една година доцнење поради бирократски причини) беше преименуван во чест на „Златната топка“ на светскиот фудбал.
Кројф најголеми успеси имаше во дресовите на Ајакс, Барселона и репрезентацијата на Холандија.
„Стад Рајмон Копа“, Анжер
Отворен пред повеќе од еден век, овој стадион го носи името на фудбалерот кој ја добил третата „Златна топка“ во историјата.
Французинот Рајмон Копа играл како крилен фудбалер, починал во 2017-та, а се прославил во доминацијата на Реал Мадрид на крајот од '50-те години. Кариерата ја почнал во Анжер каде стадионот се вика по него.
„Естадио Алфредо Ди Стефано“, Мадрид
Во теорија е стадионче за младинците и вториот тим на Реал Мадрид, но поради обемна реконструкција на „Сантијаго Бернабеу“ (наречен по уште еден легендарен спортски работник на времто), веќе неколку месеци го користи и првиот тим со Зидан.
Годинава Реал игра на стадионот „Алфредо Ди Стефано“ во Валдебебас каде што е базата на клубот. Стадион наречен во чест на еден од најголемите стрелци во историјата.
Првиот добитник на „Златна топка“ (после освоил уште една) во кариерата кренал дури 22 трофеи со Реал Мадрид.
„Ернст Хапел“, Виена
Чест на фудбалери, но не само на нив. Историја пишувале и легендарни тренери. Таков беше и Ернст Хапел, Австриец кој освоил титули во четири различни земји и Куп на Шампиони (ЛШ) со два различни клуба.
Во негова чест е наречен најголемиот стадинон во Виена на кој игра репрезентацијата на Австрија и дуели од финалето на Купот.
„Естадио Диего Армандо Марадона“, Буенос Аирес
Чудесниот стадион во Неапол нема да биде прв преименуван во чест на Диего Марадона.
Во главниот град на Агентина клубот Аргентинос Хуниорс (екипа за која Диего дебитирал во сениорски фудбал со неполни 17 години), игра на стадион кој го носи името на Марадона.
Изграден е во 1940-та, реконструиран во 2000-те, а преименуван во 2004-та.
„Естадио Марио Алберто Кембес“, Кордоба
Уште еден аргентински херој кој станал светски шампион. Најдобар стрелец и најдобар играч на Мундијал 1978 каде им донел злато на „гаучосите“ по финалето против Холандија.
Стадионот во Кордоба бил изграден токму за потребите на ова Светско првенство чиј домаќин била Аргентина. Од 2010-та го носи името „Марио Алберто Кемпес“. На него игра репрезентацијата на Аргентина но и клубовите Белграно, Институто, Расинг и Таљерес.
„Естадио Реи Пеле“, Мачејо'
И најголемиот фудбалски ривал на Марадона, Бразилецот Пеле има стадион во негова чест.
Легендата на светскиот фудбал е единствен кој освоил 3 Светски првенства во историјата. Стадионот во градот Мачејо' во Бразил има капацитет од 20.000 места. На него играат локалните Клуб де Регатас и Алагоано.
„Естадио Насионал Мане Гаринча“, Бразилија
Далеку попознат е стадионот во Бразилија каде игра уште еден епски светски првак со Бразил, Гаринча, култен лик во '50-те и '60-те години. Важел за најдобар дриблер во своето време, освоил 2 Светски првенства и во 2010-та година во негова чест е именуван стадионот во главниот град на Бразил, модерно реконструиран за потребите на Мундијалот 2014.
„Естадио Нилтон Сантос“, Рио де Жанеиро
Во 2007-ма година официјално со свечена церемонија е отворен новиот стадион на кој игра Ботафого, еден од најпрестижните клубови во Бразил.
Во дресот на Ботафого, Нилтон Сантос играл цела кариера, бил еден од најдобрите леви бекови на светот во '50-те години. Другар на Пеле во репрезентацијата со која освоил 2 Светски првенства.
„Стадион Двајт Јорк“, Баколет
На неколку километри од Скарборо, главниот град на Тринидад и Тобаго се наоѓа стадион посветен на најдобриот фудбалер во историјата на оваа земја кој успеа да ја одведе репрезентацијата по прв пат на едно Светско првенство.
Јорк беше одличен напаѓач во '90-те години и освои мноштво трофеи со Мачестер Јунајтед. Познат како дел од тимот кој ја освои Тројната круна по финалето со Баерн во Барселона.
„Естадио Марсело Бјелса“, Розарио
Дека омаж се посветува не само на поранешни тренери и играчи, туку и на актуелни, доказ е стадионот во Розарио каде Марсело Бјелса (денес тренер на Лидс Јунајтед) ја почнал кариерата во дресот на Њуелс Олд Бојс.
Во 2010-та година стадионот е именуван во негова чест.
„Стад Дидие Дешам“, Бајон
Предводник на француската репрезентација со која освои Мундијал и како играч и како селектор, што е уникатен пример. Во негова чест е именуван стадионот во Бајон каде игра францускиот третолигаш Авирон Бајон (National 3).
„Гус Хидинк“, Гвангжу
Стадион во Јужна Кореа кој има капацитет од 50.000 места, изграден во пресрет на Светското првенство 2002. Наречен е по холандскиот тренер Гус Хидинк кој како селектор и го донесе на Јужна Кореа 4. место на тој Мундијал.
Така Корејците го одржале ветувањето дадено во случај на победа над Шпанија во 1/4 финале.
„Стад Дидие Дрогба“, Левалои
И фудбалери кои скоро се пензионирале ја имаат таа чест да наречат стадиони по нив. Ова е случај со легендарниот Дрогба и тоа во 2010-та година додека уште играше.
Стадионот на Левалои Спортинг Клуб се вика „Дидие Дрогба“.
„Естадио Фернандо Торес“, Фуенлабрада
Истата ситуација како со Дрогба се случи и со Ел Нињо. Голема чест на Торес во 2011-та година му оддаде фудбалскиот клуб Фуенлабрада, во истоимениот град каде е роден Фернандо.
Некогашниот шпиц на Атлетико Мадрид, Ливерпул, Челси и Милан е единствен играч кој ги освоил сите трофеи на клупски план во Европа. Фуенлабрада е шпански второлигаш.