Србија - Албанија на неутрален терен и со драстични парични казни

Според тврдењата на белградска Политика, репрезентациите на Србија и Албанија ќе одиграат нов натпревар без публика. 

Дисциплинската комисија на УЕФА веќе ја донела одлуката, по која ќе се знае судбината во квалификациите за ЕП на Србија и Албанија, селекции кои поради прекинатиот натпревар во Белград го чекаат епилогот со казните.

На својот портал, Политика доцна вечерва објави детали, а тоа се дека мечот ќе се игра на неутрален терен, без публика, а Србите до крајот на квалификациите своите натпревари на домашен терен ќе ги играат без присуство на навивачи. Медиумот се повикува на добро информирани извори и додава дека српската фудбалска федерација ќе плати и драстична парична казна.

Во текстот не е објавена казната која што му следува на албанскиот фудбалски сојуз, но според досегашното искуство УЕФА најави високи парични казни и за албанската федерација.

Во квалификационата група со Србија и Албанија, се уште и Португалија, Ерменија, Данска и Франција која како домаќин на ЕП, игра пријателски средби со останатите репрезентации кои не се бодуваат.

По инцидентите, УЕФА најпрво требаше да ја соопшти одлуката во четвртокот, но поради обемната документација од двата сојузи исходот официјално ќе биде познат во петок.

23 октомври 2014 - 23:24