Сезоната 2006/2007 во Серија Б остана историска бидејќи за прв пат учествуваше Јувентус кој беше казнет во скандалот Калчополи. Сезона во која Јуве играше фудбал во мали места од калибарот на Кротоне, Римини, Фрозиноне, Албинолефе, Арецо, Мантова, Специја.
Публиката имаше привилегија да ги гледа во живо тазе Светските прваци Буфон, Дел Пјеро и Каморанези, потоа ѕвездата Трезеге, Златната топка Павел Недвед, како и младите надежни фудбалери Кјелини и Маркизио кои ден денес се незаменливи во прв тим.
На стадионот во Арецо немаше никаква неизвесност бидејќи Старата дама славеше 5:1, победа со која порано го завери кам бекот во Серија А. По два гола на Дел Пјеро и Кјелини и еден на Трезеге. Судија Никола Рицоли, во моментов еден од најдобрите во светот.
Јувентус настапи со: Буфон, Ѕебина, Бумсонг, Кјелини, Балѕарети, Маркизио, Занети, Недвед, Дел Пјеро и Трезеге. Од клупа влегоа Бириндели, Ковач и Паладино, а како резерви останаа Миранте, Бетега, Џовинко, Залајета. Тренер: Дидие Дешамп.
По завршување на средбата враќањето во Серија А се славеше со посебни маички.
Голот тогаш како и сега го чуваше незаменливиот Џиџи Буфон кој без конкуренција беше најдобар голман во свет и кој реши да ја покаже верноста кон клубот и во втора лига без разлика што го бараа најдобрите клубови на планетата. На 37 средби прими 21 гол.
Голем протагонист на мечот вреден промоција беше Џорџо Кјелини кој пристигна во Торино претходната сезона по барање на Капело и кој токму во Серија Б ги постигна првите погодоци во Јуве. Од тогаш стана незаменлив и во комбинација со Бонучи, Барцаљи и Буфон една од најдобрите дефанзивни линии во светот.
Меѓу играчи кои се обврзаа на верност беше и тогаш 21 годишниот Клаудио Маркизио кој еве и денеска е еден од првотимците на Јуве.
Ги водеше Дешамп, нивен поранешен играч од 90-те. Французинот стана прв странец кој го водел Јуве во 33 години. Неговата авантура сепак заврши на 26 мај по триумфот над Мантова со кој и математички завршија први на табела.
Сепак тоа беше Серија Б, а не соблекувална на Камп Ноу или Сантијаго Бернабеу.
Староседелецот Алесандро Бириндели со Јуве освои 3 Скудета и 3 Суперкупови.
На сликата се еден тогашен функционер и еден сегашен. Жан Клод Бланк со Павел Недвед кој сега е потпретседател на Јуве. „Многу сум среќен што се соочив со тоа искуство бидејќи добивме почит не само како фудбалери, туку како луѓе, што беше многу убаво. Не не почитуваа само нашите навивачи, туку и другите. Велеа гледајте ги оние само што освоија Мундијал играат на стадиони во втора лига. Ние игравме за Јувентус и не не интересираше друго“, изјави Недвед кој беше Златна топка во 2003-та.
Еден од клучните играчи во тој тим беше Давид Трезеге кој постигна 15 гола на 31 меч и кој со вкупно 171 погодок е најдобар стрелец меѓу странците во Јувентус. Остана уште 3 години.
Се разбира дека тука е и капитенот и прв стрелец таа сезона во Серија Б со 20 гола. Неколку месеци пред мечот Арецо – Јувентус, Дел Пјеро постигна гол од пенал против Франција и стана Светски првак.
Меѓу Светски прваци на Италија кој потоа заигра во втора лига беше и Мауро Герман Каморанези кој постигна 4 гола.
Од клучниот гол на Камп Ноу 3 години претходно до погодоци на стадионите во Кротоне, Мантова и Специја. Марсело Ѕалајета беше резервен напаѓач кој одговори со 4 гола на 16 средби.
Меѓу младите покрај Маркизио тогаш играа и Џовинко, Паладино, Паро, Де Чеље, Миранте и Пиколо.
Секаде каде што гостуваше Јуве, стадионите беа преполни, па некои и вака се снаоѓаа.
По тој 19 мај полека почна да се раѓа еден нов Јувентус кој од тогаш освои 5 титули по ред, на праг е да ја освои шестата, како и три трофеи во Купот на Италија. Најголемиот предизвик го закажаа во Кардиф на 3 јуни.