Сити за првпат во клупската историја освои пехар во Суперкуп

Пенал рулетот е така наречен затоа што е навистина рулет и секој секого може да победи. Манчестер Сити минатата недела го загуби финалето на Комјунити Шилд во Англија од Арсенал на пенали, а синоќа имаше среќа во Супер Купот на УЕФА против Севиља.

Натпреварот во регуларните 90 заврши 1-1 и според новото правило на УЕФА веднаш се прејде на пенали без да се играат продолженија од 30 минути.

А таму пофукосурани беа избраниците на Пеп Гвардиола, односно најмалку концентриран беше српскиот репрезентативец Немања Гудељ кој го промаши клучниот пенал и „граѓаните“ освоија нов вреден трофеј.

На почетокот на мечот Севиља поведе рано во 25' минута со голот на одличниот центарфор Ен Несири. Со тој резултат 1-0 за шпанскиот освојувач на Лига Европа се замина на пауза.

Андалузијците имаа рецепт за играта на тимот од Манчестер во првиот дел а на стартот на вториот дел имаа зрела шанса и да ја дуплираат предноста.

Сити долго време беше во нокдаун со несвојствени грешки во додавањата на средина од теренот. Ен Несири имаше 100% шанса да го реши мечот но промаши.

Следуваше непишаното фудбалско правило и Манчестер Сити израмни преку адутот на Гвардиола Кол Палмер во 63' минута. Палмер стрелаше прецизно и израмни и во финалето на англискиот Супер Куп против Арсенал, и сега.

Кога натпреварот на „Јоргос Караискаки“ стадионот во грчка Пиреја стигна до пенали, таму сигурни реализатори беа сите изведувачи освен Немања Гудељ кој последен промаши и Сити го освои единствениот пехар кој им недостигаше во клупскиот музеј.

Успешни од пенал беа Халанд, Окампос, Алварез, Рафа Мир, Матео Ковачиќ, Иван Ракитиќ, Грилиш, Гонзало Монтиел и Кајл Вокер. Сè до Гудељ кој промаши последен.

Занимливости:

- Пеп Гвардиола го освои својот 36-ти пехар во кариерата како тренер. Има 14 трофеи со Барселона, седум со Баерн Минхен и сега 15-ти пехар со Манчестер Сити за цели седум години во клубот. Еден од најтрофејните на сите времиња.

- Гвардиола стана прв тренер кој освоил европски Суперкуб со три клуба: Барселона, Баерн Минхен и сега со Манчестер Сити. Со два трофеи зад него се Карло Анчелоти (Милан во 2003 и 2007), Сер Алекс Фергусон (Абердин во 1983-та и Манчестер Јунајтед во 1991-ва) и Луи ван Гал (Ајакс во 1995-та и Барселона во 1997-ма).

17 август 2023 - 08:43