Фудбалерите на Јувентус одиграа само нерешено 2-2 против Лацио во последниот натпревар на домашниот стадион сезонава, меч на кој Лацио со бод обезбеди директен пласман во Лига Европа следната сезона и кој беше во знакот на Кјелини и Дибала.
Кјелини во бело-црниот дрес освои 20 трофеи, одигра 560 натпревари. Кога излегуваше од терен капитенската лента му ја предаде на уште една клупска икона, Пауло Дибала кој исто така за последен пат играше пред домашните навивачи на Јувентус. Дибала ќе замине од бјанконерите на крајот од сезоната после седум сезони.
Аргентинецот од игра излезе во 78' минута и не можеше да ги сопре емоциите. Се расплака и низ солзи се збогуваше од верните тифози.
Paulo Dybala tonight after his last game as Juventus player in Turin. 💔⚪️⚫️ #Dybala
— Fabrizio Romano (@FabrizioRomano) May 16, 2022
He’s gonna leave the club on a free transfer as no agreement has been reached to extend his contract.@CBSSportsGolazo ⤵️🎥pic.twitter.com/WEJbA3vuLX
Легенда во вистинска смисла на зборот. Џорџо Кјелини го одигра последниот меч во кариерата на домашниот стадион „Алијанц Стадион“.
37-годишниот стопер замина во голем стил, без солзи, без тага, туку со широка насмевка. Уште од почеток на мечот беше во добро расположение.
Италијанскиот фајтер влезе на терен со децата 6-годишната Нина и 2-годишната Оливија. На стадионот имаше кореографија во негова чест, натпис Кјело со стилизација под бројот 3, бројот на Џорџо.
Најемотивен момент беше замената на Кјелини во 17' минута, планирана така во чест на сезоните (17) кои ги мина во саканиот црно-бел дрес. Цел стадион стана на нозе и со стоечки овации го поздрави Џорџо.
Кјелини доби честитки и благодарности и од соиграчите и ривалите.
Кјелини излезе од игра, дојде до клупата а после без разлика на натпреварот, направи еден почесен круг околу трибините каде илјадници тифози му го скандираа името, го поздравуваа и му заблагодаруваа на се што направи за големиот Јувентус.
Што се однесува до самиот меч, Јувентус имаше 2-0 на полувремето но на крајот Лацио со гол на Сергеј Милинковиќ-Савиќ буквално во последни секунди од мечот успеа да извлече 2-2 и голем бод со кој обезбеди директен пласман во Лига Европа.
КЈЕЛИНИ Е ЕДЕН ОД НАЈГОЛЕМИТЕ, ПРАВА КЛУПСКА ЛЕГЕНДА, ПОВЕЌЕ НАСТАПИ ЗА ЈУВЕ ОД НЕГО ИМААТ САМО ДЕЛ ПЈЕРО И БУФОН
- Џорџо во сезоната 2006/2007 ја освои првата титула со Јувентус и тоа во Серија Б.
- Освои 9 шампионски титули во Серија А по ред!
- Освои 5 Купа на Италија.
- Освои 5 Суперкупа на Италија.
Џорџоне е трет на вечната листа играчи на Јувентус по бројот на настапи. Пред него се Дел Пјер и Буфон. По трофеи Џорџо е само зад голманот Џанлуиџи Буфон.
Универзалниот фудбалер кој играше на секоја позиција во одбраната и кој со Италија освои Европско злато во 2021-ва веќе објави пред една недела дека завршува со фудбалот.
„Последните десет години беа величествени и сега дечките треба да го продолжат започнатото. Јас направив што можев и се надевам дека после себе оставив нешто. Во понеделник ќе се збогувам со својот стадион а после ако имам уште сили, би можел за последен пат да настапам во Фиренца.
Тоа е сто посто мој избор, среќен сум што заминувам на толку високо ниво. Многу години велев дека не сакам да завршам кога веќе нема да имам сили да играм на исто ниво. Ги дадов сите сили и скоро ќе бидам најверниот навивач на Јувентус од трибини. После толку години во клубот не е лесно да се избавиш од своите чувства“, рече Кјелини.
НЕ ЈА ЗАВРШУВА КАРИЕРАТА, ВЕРОЈАТНО ЌЕ ОДИ ВО МЛС
Џорџо Кјелини веќе нема да игра во Серија А, но не ја завршува играчката кариера. Инсајдерот Николо Скира напиша дека Лос Анџелес од американската МЛС веќе му пратил понуда на Кјелини со договор до крај на декември 2023-та. Фабрицио Романо исто напиша на Твитер дека за Џорџо се заинтересирани и други два клуба од МЛС.