Син му на Анчелоти конечно сам ќе биде тренер, потпиша со Ботафого

Давиде Анчелоти е нов тренер на бразилски Ботафого. Синот на Карло сега конечно се осамостојува и ќе работи независно од татко му, но договорот му е до крајот на 2026-та.

Бразилците веруваат во Карло и Давиде Анчелоти. Во јуни годинава Карло Анчелоти седна на клупата на Бразил и ќе го води на Светско првенство 2026, а сега син му Давиде доби шанса да биде тренер на Ботафого.

Интересно во договорот на 35-годишниот син на Карло Анчелоти има ставка која вели дека тој може следната година да оди со татко му во стручниот штаб на Бразил на Мундијалот 2026.

ДАВИДЕ ВЕТИЛ ДЕКА ЌЕ ПОЧНЕ КОГА КАРЛО ЌЕ ЗАВРШИ КАРИЕРА, НО НЕ ДОЧЕКАЛ ДА ПОЧНЕ

Синот го напушти Реал Мадрид заедно со таткото во мај/јуни. Давиде Анчелоти прво го поврзуваа со Ремс, Ренџерс и Комо ако си замине Сеск Фабрегас во Интер но не се случи ниту една варијанта.

Давиде отиде во стручниот штаб на репрезентацијата на Бразил заедно со Карло. Тој во јуни 2024-та рече дека ќе почне самостојно да води екипа кога Карло ќе ја заврши кариерата.

„Ова е финална етапа на татко ми. Кога тој ќе заврши, ќе тренирам сам, иако тој може ќе тренира и до 100 години“.

Но понудата од Ботафого сменила сè.

Претходно Давиде Анчелоти никогаш не тренирал екипа сам. Цело време бил со татко му: беше кондиционен тренер во ПСЖ и Реал, па помошен тренер во Баерн Минхен, Наполи и Евертон и на крај во Реал Мадрид каде последниве години одговарал за тактика. Карло често ја потенцираше улогата на син му во успесите на Реал Мадрид.

Давиде еднаш самостојно го водеше Реал од клупата - против Алавес (1:0) кога Карло беше отсутен поради суспензија.

ПОВЕЌЕ Е ОД ОБИЧЕН ПОМОШЕН ТРЕНЕР

Давиде во 2014-та година кога уште не бил помошен тренер и работел како фитнес-тренер вовел една нова метода во Реал Мадрид - тренинг во спиење. Ова го подобрил опоравокот на играчите.

Викнал психолог од надвор кого не го знаеле во клубот. Тој тајно ги набљудувал играчите како се однесуваат и правел подробен извештај. Така Давиде и Карло влегувале во главите на фудбалерите без нивно знаење: „На стручниот штаб му се важни клучевите од екипата. Ние сме должни да знаеме како да пријдеме и поразговараме со играч независно од тоа дали е спремен за разговор. Во иднина секој ќе има личен психолог“, рекол еднаш Давиде Анчелоти.

Во Баерн Минхен првпат станал помошен тренер на Карло. Заедно со татко му разработувале нови и ги подобрувале старите тренинг методи.

Во Евертон Давиде се занимавал со одбраната.

Често ги водел тренинзите на Реал Мадрид и секогаш ги започнувал. Суеверниот Карло секогаш доаѓал подоцна на тренинг.

„Тој секогаш носи исти работи во џебовите, а на пат до тренинг задолжително игра пасијанс. Уште една партија игра за време на загревање. Додека тато доигрува пасијанс во канцеларија, јас се грижам за екипата“.

9 јули 2025 - 09:48