Што велат резултатите во Серија А од користењето на ВАР

Имало корист од новата видео технологија која беше сефтосана оваа сезона во италијанското првенство, а истовремено и многу критикувана. Грешките не се целосно исчистени, ама резултатите се подобрени, покажува статистиката.

Оваа сезона во Серија А има помалку фаули, жолти и црвени картони, револт кај судиите и симулирање прекршоци, а има повеќе пенали, но пред сè грешките се намалени за разлика од претходните сезони.
 
Ова им го соопшти Никола Рицоли на претставниците на клубовите, тренерите и играчите кои имаа годишен состанок со човекот кој ги делегира судиите во италијанскиот шампионат.
 
На 346 натпревари (330 во Серија А и 16 во Купот на Италија), новата видео технологија е употребена вкупни 1.736 пати за да ја провери регуларноста на 916 голови, 464 пенали и 356 црвени картони.
 
Резултатите покажуваат дека со помош на ВАР судиите смениле 105 одлуки од кои 17 им биле погрешни, а 8 од нив влијаеле на резултатот. Со оваа технологија грешките изнесуваат 0,98%, а претходно биле 6,05%.
 
 
Во едночасовното излагање, Рицоли извадил уште неколку важни бројки кои се подобрени со помош на користењето на технологијата.
 
Во однос на минатата сезона во Серија А има помалку фаули за 8,8%, помалку црвени картони (-6,4%), помалку жолти картони (-14,7%) и пред сè драстично намалување на реакции кај судиите (-19,3%) и симулирање на прекршоци (-43%).
 
Поранешниот славен судија бележи зголемување само кај пеналите (+4,3%).
 
Најмногу забелешки за користењето на ВАР сезонава имаат во Лацио.
27 април 2018 - 13:30