Џабе е ВАР кога не ве бива за судии

Околу 600 навивачи на Лацио синоќа го чекале главниот судија Пјеро Џакомели пред стадион за да го натепаат, но тој излегол после полноќ. Ете до толку стана или остана за никаде судењето во една популарна лига како Серија А која не ја спасуваат ниту најразно разни технологии.

Последната од низата на грешки кои во последно време ги има во италијанскиот и во шпанскиот фудбал, се случи на синоќешниот меч Лацио - Торино.
 
Скандалозниот момент кој домаќините го платија со пораз, само поради една срамна судиска грешка, се случи во финишот од првото полувреме.
 
Кога Имобиле нафрлуваше, Фалке играше со рака и наместо Џакомели да досуди пенал или да се повика на ВАР, тој ја употреби новата технологија за следната спорна ситуација во истата акција, во која Имобиле замавнува со главата во дуел со Бурдисо.

Но тоа немаше да се случи, доколку судијата реагираше претходно на време и покажеше на белата точка. Симоне Инѕаги и неговите играчи беа бесни и не можеа да поверуваат дека судијата го прегледува дуелот на Имобиле, а го игнорира чистиот пенал.
 
И наместо пенал и водство на Лацио на полувреме, тие останаа со играч помалку во вториот дел и го загубија натпреварот со 1:3. Симоне Инѕаги излезе со изјава без влакна на јазикот, а за неправдата да биде уште поголема, Бурдисо на лице место признал дека Имобиле не го удрил.

Инѕаги: Не украдоа четврти пат по ред. Таре: Голем скандал.
„После четири недели почнувам да мислам дека на некој му сметаме. Мислам дека ова ми беше најтешкото полувреме откако сум тренер. Ми беше тешко да им објаснам на момците нешто евидентно што не може да се негира. Сега ова ќе биде напната недела, бидејќи четврта недела по ред треба да им ги кажувам истите работи и повторно да заборавам нешто што не се заборава. На крајот од мечот го прашав Бурдисо зошто не кажа ништо за тоа дека Имобиле не го удрил, а тој ми одговори дека тоа го кажал на терен“, вели разочараниот тренер на Лацио.

На ваквото скандалозно судење не можеа да останат рамнодушни ниту ултрасите на Лацио кои ја напуштија Курва Норд уште на полувреме, а по завршувањето на мечот го чекале судијата пред стадион еден час. Џакомели излегол дури после полноќ.
 
Овој судија трет пат сезонава дели црвени картони со помош на ВАР. Претходните два беа за Бонучи и Де Роси.

Срамните судиски одлуки само во изминативе два и пол месеци:

27 ноември
ШТО ЌЕ СЕ ПРАВИ СО СУДИИВЕ?

21 ноември
И СО ПОМОШ НА ВАР ЧОВЕК НЕ МОЖЕ ДА БИДЕ РААТ

26 октомври
КАДЕ БЕШЕ ВАР ЗА ПЕНАЛОТ ВРЗ КОЛАРОВ?

26 септември
РАМОС СЕ ПРЕТВОРИ ВО ГОРДАНА НАЦЕВА, КАМО ПЕНАЛ?

12 декември 2017 - 11:36