Што може жена, не може никој - добро знае Лука Модриќ

Тивкиот и повлечен Лука Модриќ не би можел да опстане во светот на менаџерските хиени ако крај него не била таа - русокосата Загрепчанка која детството го поминала во канцелариите на Максимир.

Се вика Вања Босниќ и е сопруга и менаџер на Лука Модриќ, негов главен критичар и двигател во кариерата.

Вања и Лука се запознале во 2007-ма: Вања тогаш работела во менаџерската агенција на контроверзниот Здравко Мамиќ, а потоа заминала од компанијата и му станала личен агент. Таа била заслужна за енормно богатиот трансфер на Лука во Тотенхем каде стигна од Динамо Загреб.

Вања е пет години постара од него. Се сретнале во едно кафуле во загрепската населба Равница каде дискутирале за фудбал. Необично, нивниот прв разговор преку мобилен телефон уште кога не се познавале траел цели три часа.

Вања Модриќ (некогаш Босниќ) во просториите на Динамо Загреб доаѓала често затоа што таму мајка и Весна Јураиќ била шеф на сметководоство.

Подоцна Вања завршила голема работа и за преминот во Реал: лондонски Тотенхем одбивал да го продаде Модриќ кој и надвор од теренот важи за тивок и повлечен човек. Капитенот на Хрватска по наговор на сопругата решил да отвори конфликт поради трансферот: ги игнорирал тренинзите, не доаѓал на клупски состаноци, не отпатувал со клубот во САД и заминал во Хрватска на определено време.

Gazzetta delo Sport пишува дека Вања ги влече сите конци и дека таа по крајот на Светското каде Лука Модриќ беше најдобар играч, сама се јавила во Интер за да ги понуди услугите на својот сопруг.

Но како и убавите нешта, тие заедно ги делат и оние понеубавите, па поради криминалните дејствија на Здравко Мамиќ за кого беше распишана меѓународна потерница, па беше уапсен, и Вања морала да се појави на суд каде Лука Модриќ сведочеше на рочиштето против Мамиќ.

Преодниот трансфер рок во Италија завршува на 18 август а Реал Мадрид на 15 август игра во Суперкупот на УЕФА, па не се знае дали Модриќ ќе се појави на теренот или веќе ќе биде во Италија.

КОЛКАВИ СЕ ШАНСИТЕ ЛУКА МОДРИЌ ДА ПОТПИШЕ СО ИНТЕР?

Најдобриот хрватски фудбалер и 10-ка на Реал, по продолжениот одмор поради Светското, во средата слетал во Мадрид (така пишува Gazzetta dello Sport) со цел да се сретне со Флорентино Перез и да разговараат за преселба во Интер.

Италијанските медиуми на големо пишуваат дека самиот Модриќ е заинтересиран за трансфер. Така Gazzetta пред неколку дена напиша дека меѓу Перез и Модриќ има џентлменска спогодба: претседателот на Реал уште на времето му ветил на Хрватот дека ќе го пушти кога овој сам ќе сака да замине.

Corriere dello Sport отиде подалеку: Интер му понудил на Модриќ 4-годишен договор вреден 40 милиони евра (+1,5 милиони евра годишно од бонуси) и сигурна пензија од 20 милиони евра за две години пред крајот во кинескиот Џиангсу Сунинг (двата клуба му припаѓаат на кинескиот гигант Suning).

На „Сантијаго Бернабеу“ Хрватот заработува од 6,5 до 10 милиони евра годишно (во зависност од даноците) и до истекот на договорот со Рел во 2020-та ќе земе не повеќе од 21 милион евра. Тоа не е ни приближно со 66 милиони евра коишто му ги ветуваат во Милано.

Лука Модриќ, како и Кристијано Роналдо имал проблеми со властите во Шпанија па во јануари годинава платил милион евра казна поради неплаќање даноци. Во Милано би нашол прекрасен град, спокоен живот и фудбалска кариера во друштво на хрватските колеги. Што уште повеќе му треба пред пензија?

Лука има уште една причина да си оди од Реал: Родниот Задар му е на еден час летање од Милано, настрана 66 милиони аргументи.

МОДРИЌ МУ ТРЕБА НА ИНТЕР

Ниту еден италијански клуб не би одбил да го доведе Лука. Тој до совршенство го доведе движењето без топка:

На „Џузепе Меаца“ ќе игра со пола хрватска репрезентација (Перишиќ, Брозовиќ, Врсаљко) а ќе го предводи еден од најдобрите тренери во Серија А.

Летово Спалети бираше меѓу формациите 4-2-3-1 (главна тактика лани) и 3-4-2-1. Модриќ одлично се снаоѓа и во двете шеми во кои би играл на омилената позиција.

Што се однесува до финансискиот фер плеј, тука Интер не би требало да има проблем: Il Giornale пишуваше дека тој вреди 60 милиони евра, а според Transfermarkt неговата пазарна вредност е 25 милиони, но Интер ги има Жоао Марио и Весино од кои би заработил околу 50 милиони евра приход и ќе се оправда пред УЕФА.

РЕАЛ ИМА ПРИЧИНИ И ЗА И ПРОТИВ ОСТАНУВАЊЕ НА МОДРИЌ

Лука ја доби „Златната топка“ на Светското, а Реал во меѓувреме остана без Роналдо и Зидан па не би требало да го продава својот најдобар фудбалер во моментов.

Уште еден фактор е Флорентино Перез. Неговите слава и успех често го водат во парадоксални решенија. На пример во 2005-та Перез бесплатно го пушти во Интер 33-годишниот Луис Фиго кој таа година беше меѓу 3 најдобри асистенти во Лига на шампиони.

Перез лесно се збогуваше со Раул, Бразилецот Роналдо, Икер Касиљас и Чаби Алонсо кои како Фиго имаа по 33 години. Независно од тоа колку се важни за екипата, Перез лесно се откажуваше и од Макелеле, Редондо па и од ветеранот Канаваро.

Во септември Модриќ ќе наполни 33 години и по заминувањето на Роналдо ќе биде највозрасен во Реал Мадрид. Неговиот договор важи до 2020 и веројатно нема да биде продолжен - тоа не е во стилот на Перез. Лука би заминал бесплатно како слободен агент после две години или за една година, што во секој случај е лош бизнис.

Од друга страна, Лопетеги не се откажува од Модриќ - а не постои тренер кој не би се радувал што има таков фудбалер. Но со заминување на Модриќ на терен повеќе простор ќе имаат Иско (веќе блесна под Лопетеги во репрезентацијата) и Асенсио: едниот игра на местото на Модриќ, а вториот на крило.

Овој трансфер на Модриќ во Интер и не би бил толку неверојатен како што се зборува. Сетете се само на трансферот на Кристијано.