Шпанско италијанската класика

Од лактот на Тасоти во носот на Луис Енрике во четвртфиналето од Мундијалот во САД 1994 за кој заработи 8 меча суспензија, па се до дебаклот на Италија во финалето на минатото европско поминаа две децении. Вечерашната пресметка помеѓу големите фудбалски сили ќе биде 10-та во поновата историја.

Италија – Шпанија 2:1, 1994

На светското првенство во САД 1994, „Аѕурите" ја минаа четвртфиналната рунда. Дино Баџо го отвори резултатот, Бенариво си постигна автогол, а мечот го реши тогашниот лидер на Италија, Роберто Баџо со гол во 88 минута. Мечот остана запаметен по неспортскиот потег на Тасоти кој му го раскрвари носот на Луис Енрике и доби казна од 8 кола пауза.

Италија – Шпанија 2:2, 1998

По мечот во Бостон следната средба помеѓу овие две репрезентации беше по 4 години на пријателски дуел во Салерно. Со двата гола на Инзаги домаќините имаа водство од 2:0, но Шпанците се вратија во игра, а ремито стигна во 82 минута со голот на Раул од пенал.

Шпанија – Италија 2:0, 2000

На 29 март 2000 во Барселона се одигра повторно пријалтески натпревар, а Шпанците беа поуспешни со 2:0. Стрелци на головите беа Алфонсо и Абелардо.

Италија – Шпанија 1:1, 2004

Последниот натпревар за селекцијата на Италија на славниот Роберто Баџо се случи на 28 април 2004 година во Џенова. Мечот заврши без победник, а стрелци на двата гола беа Фернандо Торес и Кристијан Виери.

Шпанија - Италија 1:0, 2008

Во 2008 година овие две селекци како дел од подготвителните натпревари за Европското во Австрија и Швајцарија одиграа пријателска средба во Елче. Домаќините стигнаа до минимален триумф со голот на Давид Виља.

Шпанија – Италија 0:0 (4:2), 2008

По три месеци во четвртфиналната пресметка во Виена на ЕУРО 2008, Италија и Шпанија одиграа тврд натпревар без голови. „Црвената фурија" обезбеди пласман во полуфиналето откако беше поуспешна во пенал рулетот со 4:2.

Италија – Шпанија 2:1, 2011

На 10 август 2011 година Шпанија му гостуваше на италијанскиот состав во Бари каде беше поразен со 2:1. Монтоливо и Аквилани погодија за Италија, а Чави беше стрелец од пенал за единствениот гол на Шпанците.

Италија – Шпанија 1:1, 2012

На минатото Европско во Полска и Украина, овие две селекции се сретнаа два пати. Во групната фаза натпреварот заврши без победник. По водството на составот на Прандели со голот на Ди Натале, по 3 минути одговори Фабрегас.

Шпанија – Италија 4:0, 2012

Фудбалерите на Дел Боске својата моќ и доминација во последните неколку години ја потврдија во финалната пресметка во Киев кога со головите на Силва, Жорди Алба, Торес и Мата ја декласираа италијанската репрезентација со 4:0.

27 јуни 2013 - 13:01