Шпанија спремна за пол позицијата во европскиот фудбал

Шпанија ќе се врати на врвот на рангирањето на УЕФА за прв пат по сезоната 2006/07 откако тимовите од шпанската Примера во континуитет бележат добри резултати во европските натпреварувања. Македонија е закована на 39-та позиција зад Латвија, Азербејџан и Молдавија.

Рангирањето според кое УЕФА ја одредува распределбата на бројот на тимовите кои ги претставуваат нациите во европските натпреварувања, се врши според коефициентите, односно резултатите остварени во последните 5 сезони.

На почетокот на оваа сезона откако беа избришани коефициентите од сезоната 2006/07 кога шпанските претставници имаа одлични резултати, Англија го зголеми водството на првото место пред Шпанија на второто.

Но тоа наскоро ќе се смени. Екипата на Челси е последниот претставник на Англија во европските натпреварувања, а Шпанија има дури пет екипи во завршните фази на Лигата на шампиони и Лига Европа. Промената на врвот најверојатно ќе се случи до крајот на оваа сезона, но и да не се случи тоа, Шпанија ќе ја преземе првата позиција на почетокот од следната сезона кога ќе се избришат коефициентите од сезоната 2007/08 кога англија имапе три полуфиналисти и два претставника во финалето на Лигата на шампиони.

Италија пак од следната година ќе загуби едно место во Лигата на шампиони и покрај тоа што Милан и Интер беа победници на ова натпреварување во изминатите пет години. Лошите коефициенти најмогу се одраз на разочарувачките резултати кои италијанските екипи ги имаат во Лига Европа.

Доколку италијанските клубови не ги подобрат резултатите во блиска иднина, тогаш Италија би можела да падне на табелата и зад Португалија, Франција, па дури и зад Холандија. Со ова Италија би можела да загуби уште едно место во Лигата на шампиони.

Македонија не треба да се грижи. Ние нема каде да бегаме. Македонија си е закована на 39-та позиција зад Латвија, Азербејџан и Молдавија. Немаме шанси да се искачиме на 15-та позиција и да добиеме уште едно место во Европа, а немаме шанси ни да паднеме толку ниско како Андора и Сан Марино за да имаме еден претставник помалку во Европа. Или пак можеме да паднеме?

28 март 2012 - 13:43