На 23. април се објави дека станувате селектор на Македонија, а 5 дена подоцна стигна и официјалната промоција. Колку за овие 5 месеци се запознавте со репрезентативците?
- Тоа е кратко време. Пред овој собир имавме само уште еден и сите заедно тогаш бевме околу 12-ина дена. Сепак, од тоа што сакавме веќе нешто им пренесовме на момците и сега изгледа подобро. Како времето поминува и како сè повеќе работиме заедно, ќе се зближуваме уште повеќе и верувам дека ќе оствариме подобри резултати. Имаме неколку цели до крајот на квалификациите и ќе направиме сè да ги оствариме. Задоволен сум од тоа како играчите работат на тренинзите.
Следи дуел со Луксембург во сабота, но навивачите веќе размислуваат за Рамос, Касиљас, Пике, Казорла, Фабрегас, Силва, Мата...
- Натпреварот со Луксембург за нас е приоритет. Луксембург е Шпанија за нас во моментов. Исклучително важен дуел на кој мора пред сè да покажеме карактер. Мора да бидеме ментално спремни за еден тежок натпревар, затоа што видовте и сами како одигра Луксембург во Скопје. Ако го потцените противникот секогаш ќе имате голем проблем, така што тоа е нашата најголема задача во моментов. Екипата да ја спремиме на тој план.
По Луксембург на мегдан во Скопје доаѓа Шпанија, на денот на државноста. Има ли голем притисок пред тој меч?
- Сигурно дека стадионот ќе биде полн, а амбиентот одличен. Шпанија е инспирација за секој од нас да го даде максимумот. Ќе уживаме во тој натпревар, затоа што сите добро знаеме што е и која е Шпанија. Притисок нема и не би требало да има, затоа што ќе играме пред своја публика.
Како човек кој долги години со успех играше во странство, овдешната јавност од вас очекува да го пренесете вашето знаење во репрезентацијата. Доволен ли е еден квалификациски циклус за нов стил на игра?
- Знаете, репрезентацијата не е клупска работа и не сте секојдневно заедно со играчите како што е во клубовите. Еден циклус не е доволен. Мојата замисла е да направам една база, една група на играчи кои меѓусебно добро ќе се познаваат. Основна цел е секој играч со големо задоволство да игра за својата земја. Да се биде репрезентативец е нешто посебно, мора да имате нешто повеќе од обичен фудбалски квалитет, да сте добар човек, добар професионалец и да ја сакате вашата земја.
Што ѝ треба на Македонија да може да размислува за пласман на едно големо фудбалско натпреварување? Што недостасува, што фали?
- За жал во моментов немаме многу играчи кои играат во големи европски клубови. Во минатото Македонија имаше фудбалери кои беа носители на играта во своите тимови и ја сочинуваа стандардната база околу која се градеше играта на репрезентацијата. Сега имаме неколку играчи кои играат во добри, но не во врвни клубови, така што просечната возраст од 25-26 години им овозможува да одиграат 2,3 квалификациски циклуси заедно. Сите што добро ќе играат за младата репрезентација, без проблем ќе бидат приклучувани во сениорската.
На неколку дена пред дуелот со Луксембург, Друловиќ го заболе глава поради проблемот со Владимир Димитровски, фудбалерот на грчка Керкира кој своеволно си заминал од хотелот за да потпише со нов клуб.
- Не сметам на Димитровски, разочаран сум од неговото однесување. Јас сум најодговорниот во селекцијата и очекувам поинаков однос. Хиерархијата мора да се почитува, уште повеќе што сите репрезентативци имаат потпишано кодекс што смеат, а што не е дозволено кога се во А националниот тим. Димитровски ја наруши дисциплината во тимот, а за мене тоа е една од најважните работи. За вакви или слични постапки фудбалерите во останатите репрезентации добиваат драстични казни кои се рефлектираат и на клупските настапи. Не знам каква ќе биде одлуката со Димитровски, но мора на сите да им стане јасно дека ова не е начин да се добие нешто. Да побараше дозвола за било што, можевме да разговараме и да донесеме одлука. Јас бев тој што го врати во репрезентацијата, во Словачка играше во првиот состав наместо повредениот Шиков и сега вака ни враќа.
Со Саша Ќириќ (директор на репрезентацијата), бевте во Русија и во живо го следевте извлекувањето на групите за СП 2018. Каква беше првата реакција на Љубинко Друловиќ кога ги виде Шпанија и Италија во нашата група?
- Убедливо најтешка група. Тоа е што е, нема бегање. Ќе мора да играме добро и секому да бидеме тврд противник. Шпанија и Италија се големи фаворити за првите две места, а на останатите ни преостанува што повеќе да се бориме и да пробаме да ги изненадиме и тие големи фудбалски сили. Имаме тешка група и свесни сме за тоа, но не се предаваме. Ве уверувам дека ќе направиме репрезентација која ќе има кадар да направи нешто што ќе се памети.
Работнички одигра добра сезона во Европа. Дали на вас некој Дебармаалец остави голем впечаток, има ли некој што посебно ве импресионираше?
- Често, еве и денес се шегуваме со мојот помошник Игор (Ангеловски) дека пола репрезентација е од Работнички. За жал, Горан Силјановски го повреди скочниот зголб на еден од тренинзите и нема да биде со нас за дуелите со Луксембург и Шпанија. Покрај него, тука е и голманот Божиновски кој апсолутно го заслужи повикот, тука е Баже Илијоски кого го викнав како замена за повредениот Јован Костовски (дисторзија на рамето).
Каде најмногу шкрипи во составот во моментов?
- Повредата на Адеми ни скрати многу опции. Тој е многу важен играч за нас и игра на важно место во репрезентацијата. Ќе мора да го консолидираме средниот ред. Мислам дека Глигоров и Петровиќ од Работнички би можеле да го заменат него против Луксембург.
Репрезентативците утре патуваат за Луксембург, каде во сабота од 18:00 часот ќе играат против домашната селекција. На 8. септември од 20:45 на Филип Втори арената ќе гостува повеќекратниот европски и светски шампион Шпанија.