Шест победи, едно реми и еден пораз (На Бернабеу од Реал). Ова е досегашниот биланс на италијанските екипи во Лига на шампиони и ако се земе предвид и Лига Европа која се игра вечерва, тоа се вкупно осум.
Можеби ретко кој очекуваше ваков победнички старт на Италијанците за веќе кои веќе со години, секоја сезона по дифолт се повторува истиот муабет од претходната. Не им ја бивало лигата, паднати биле, само Јуве личел на тим.
Епа истата таа лига синоќа го зграпчи второто место на ранг листата на УЕФА и ја мина Премиер лигата. Шпанците и натаму се неприкосновени со 89.283 поени, а Италија за малку и избега на Англија или поточно за 263 поени. Во топ 5 потоа следуваат Бундеслигата и Лига 1.
Овој успех на потценетата Серија А произлегува од победите на сите четири италијански екипи во второто коло од ЛШ, нешто што се нема случено 13 години. Јувентус и Рома во вторникот ги демолираа Јанг Бојс и Викторија Плзен, а синоќа Наполи го доби финалистот од минатата сезона Ливерпул, додека Интер се избори за гостински пресврт против ПСВ.
Претходно тоа се случи во ноември 2005-та, кога Јуве го совлада Клуб Бриж со 1:0, Удинезе на гости против Панатинаикос славеше со 2:1, а следниот ден екипите од Милано славеа со идентични 4:0. Милан на гости со Фенербахче, а Интер дома против Братислава.
Факт е дека за овој скок на Италијанците најзаслужен е Јувентус кој во последните четири сезони, два пати стигна до финале. Инаку актуелниот првак на Италија во моментов е единствената екипа со 9 од 9 во ЛШ, што е уште еден плус за собирање поени, а рекордот на италијанските екипи го држи Милан кој во сезоната 1992/1993 имаше 13 победи во низа.
Точно е дека Премиер лигата според моќ и конкуренција е на прво место, но нелогично е да се тврди дека Италија е само Јувентус. Наполи го совлада неприкосновениот Ливерпул кој ланска сезона мелеше сè што ќе стигне до финале, Рома ја урна Барселона во четвртфинале, а Интер сезонава тргна со две од две.
Пехарот од најквалитетното клупско европско натпреварување последниве пет години останува во Шпанија. Англичаните последен пат го освоија во 2012-та со Челси, а Италија во 2010-та со Интер.
До крајот на сезоната има уште многу време за докажување за Серија А и Премиер лигата кои ќе се бркаат на ранг листата на УЕФА.