Сефери: Маицата ми ја дадоа навивачите и ме замолија да ја постирам

Поранешниот македонскиот репрезентативец кој од улога на албански “му ја смени“ територијата на неговиот роден македонски град, се обиде да се извади за киксот со кој се истакна на Инстаграм.

Таулант Сефери по пријателскиот дуел меѓу Албанија и Белорусија за играчи до 21 година, скроз непотребно се изглупира во соблекувална со една фотка на која држи маица со натпис „Куманово е Албанија“.
 
Никој немаше и нема право да му брани што од Сулејманов го смени презимето во Сефери и што македонскиот репрезентативен дрес го замени со албанскиот, но по објавата на Инстаграм партал го направија во коментари.
 
21 годишното лево крило во изјава за Спорт1 се обидува да се извади со образложение дека не очекувал таква реакција од јавноста.
„Тоа не беше провокација од моја страна. Маицата ми ја дадоа навивачите кои беа на трибините и ме замолија да ја постирам. Навистина не беше со намера да испровоцирам некого. Сакам да кажам дека не го направив тоа поради национализам, го направив тоа затоа што луѓето го побараа тоа од мене и во тој момент не ни помислив дека така ќе се прифати. Не бев свесен дека луѓето ќе реагираат на таков начин. Да знаев дека ќе биде вака, сигурно немаше да постирам“, вели Сефери.
И кога во вакви ситуации треба да се корегира прво тој и сите други што грешеле и грешат како него, нема потреба да долевате масло на тензијата. Аман со овие препукувања на етничка основа.
 
7 јуни 2018 - 13:25