Арсен Венгер важи за штедлив тренер кој постојано продава по некој важен играч од тимот, а потоа празното место го пополнува со некое младо талентирано дете. Но тој секако не ги дава парите, туку неговите газди кои изминатово лето му одобрија повеќе пари за засилувања.
Сопственоста на Арсенал од пред две години е во рацете на американскиот бизнисмен Стен Кронке кој поседува околу 66% од клубот, но во негово друштво се наоѓа моќниот руски тајкун Алишер Усманов кој од 14% во 2007, сега стигна до сопственост од над 30%.
Го сметаат за 39-от најбогат човек во светот, а според неделникот „Сандеј Тајмс" тој е најбогат во Велика Британија. Годинава „Форбс" објави дека неговото богаство тежи 17,6 милијарди долари.
Листата на неговите бизниси е долга. Косопственик е на вториот најголем мобилен оператор, на најголемата интернет компанија во Русија, како и на медиумска компанија која раководи со голем број на телевизии.
Во 2000 година стана генерален директор на Гаспром Инвест Холдинг, инвестициска компанија на државниот нафтен гигант. Тогаш почнува и неговата поврзаност со фудбалот затоа што Гаспром го поседува тимот на Зенит.
Усманов е мнозински акционер и во металската индустрија Металоинвест која од 2008 година е спонзор на фудбалскиот клуб Динамо Москва, а од минатата година поседува акции и во Глазгов Ренџерс.
Но неговиот предизвик во фудбалот е амбициозниот тим на Арсенал кој со стартот во Премиер лигата ветува многу. Тој го критикуваше финансискиот модел на „Топџиите" кои долго време се без титула, а од нив летово побара да го купат Вејн Руни.
Името на контроверзниот Русин со потекло од Узбекистан беше поврзано и во минатогодишниот скандал со сомнителни трансакции од милијарда долари кои ги правеле олигарси од Русија во компанија на Бахамите која е во сопственост на сопругата на вицепремиерот на Русија Игор Шумалов.
Растен е во блиски кругови на КГБ - Агенција за државна безбедност на поранешниот Советскиот Сојуз, а во 1980 година беше осуден на осум годишна казна затвор поради обвиненија за измама, корупција и проневера со јавни фондови.
Но по шест години беше пуштен на слобода поради добро однесување, а во 2000 година Врховниот Суд на Узбекистан се изјасни дека постапката против него била монтиран случај. Како и да е вистината за оваа приказна остана нејасна за јавноста.
Тој денес ужива во своите 17 милијарди евра, близок е со Владимир Путин, а со новите засилувања на Арсенал се чини дека ќе води уште поголема битка за да им го превземе клубот на Американците. Во тој случај лондонското дерби би се водело и помеѓу двајца руски олигарси.