Во пресрет на вечерашниот дуел, италијанските медиуми потсетуваат дека главниот град на Баскија е неосвоива тврдина за тимовите од Апенините.
Последна италијанска „жртва“ која падна на новоизградениот Сан Мамеш беше Наполи минатото лето. Во плејофот за ЛШ, средбата во Неапол заврши 1:1, а во реваншот Атлетик Билбао со 3:1 ги испрати избраниците на Бенитез дома.
Двата гола на Аритц Адуриз и еден на Ибаи Гомез беа доволни за влез во елитното натпреварување.
Десет години пред гостувањето на Наполи, последна италијанска екипа што играше на Сан Мамеш (првобитно изграден 1913) е Парма. Во натпревар од Купот на Уефа 2004-2005, Билбао ги совлада млекарите 2:0 со головите на актуелниот капитен Карлос Гурпеги.
Седум години претходно, во 1997. година, исто во Куп на Уефа, Билбао ја совлада Сампдорија 2:0, со головите на Ларазабал и Зиганда. Тоа беше прво коло од Уефа Купот.
Со еден од најсилните состави во историјата на италијанскиот фудбал, Парма отпатува во Билбао во 1994. година, но и тогаш се врати со спуштена глава. Баскијците славеа 1:0, со голот на вообичаениот Зиганда. Во реваншот Парма славеше 4:2 на Енио Тардини и се пласираше понатаму, но Сан Мамеш и натаму остана табу тема за италијанските клубови.
Безболен пораз на Сан Мамеш претрпе и Јувентус во 32-финалето од Купот на Уефа во сезоната 1988/1999. Бјанконерите таа сезона го победија Наполи 5:1 во Купот на Уефа, но загубија 3:2 од Билбао во Шпанија. Голот на Роберто Галија за Јувентус ќе остане последниот гол на една италијанска екипа на Катедрал.
И покрај тоа што никогаш не го победил Атлетик Билбао, Јувентус е екипата со најдобар учинок на стадионот Сан Мамеш. Во октомври 1998. година, предводени од Зинедин Зидан, во група од Лигата на шампионите, Јувентус се избори за 0:0. На теренот тогаш беше и Хозу Урутиа, сегашен претседател на Атлетик Билбао.
Јувентус не победил во Билбао, но во Баскија го освои својот прв европски трофеј во клупската историја. Во финалето од Купот на Уефа во сезоната 1976/1977 со Дино Ѕоф на теренот и Трапатони на клупата, Јувентус загуби 2:1 од Атлетик Билбао, но славеше поради голот на гости. Првиот дуел во Торино заврши 1:0 за Јувентус, по што црно-белите го кренаа трофејот.
Истата сезона, Билбао го совлада Милан 4:1 во осминафиналето од истото натпреварување.