Приказна за фудбалскиот пат на Алекс Окслејд-Чембрлен

Сакал да остави фудбал поради низок раст, а сега вреди 40 милиони фунти

Упорноста и напорниот труд кои ги вложил во судбоносните два месеци за да докаже дека е талентиран фудбалер во јуниорите на Саутемптон го направија Окс еден од најдобрите англиски фудбалери на денешницата. Од Арсенал прејде на „Енфилд Роуд“ а го одби Челси.

Во летниот преоден дедлајн не се случи ништо погласно и пошумно од преминот на Алекс Окслејд-Чембрлен од Арсенал во Ливерпул. Оваа зделка ги раздрма сите од две причини: Прво, праткични недела дена претходно Окс беше на прагот од Челси но кога босовите на клубовите се спремале да потпишат договори ситуацијата нагло се сменила и се вмешал Ливерпул.

Второ, Алекс самиот сакаше да замине од Лондон иако Арсенал му нудеше 180.000 фунти неделно а кај Јирген Клоп ќе зема далеку помалку - 120.000 фунти.

ТАТКО МУ БИЛ РЕПРЕЗЕНТАТИВЕЦ НА АНГЛИЈА

Таткото на Алекс, Марк Чембрлен исто бил фудбалер. Пред 30-ина години тој играл во средниот ред на англиската репрезентација и најчесто како десно крило. За „Гордиот албион“ настапувал две години (1982-1984, вкупно 8 меча), но не стигнал во топ клубовите: „Имаше разговори со Евертон, Арсенал и Челси но кога уште трансфер пропадна јас се разочарав од фудбалот“, раскажувал Марк Чембрлен.

На репрезентацијата го сеќавале двата дреса - белиот и црвениот. И двата биле така здиплени во еден плакар дома за да не фаќаат прашина. Малиот Окс толку бил импресиониран и нестрплив околу дресовите затоа што ги сметал за светост.

Додека Алекс бил многу мал (4-7) години, татко му индивидуално го тренирал дома а потоа Окс пристапил во академијата на Саутемптон но влијанието на татко му не ослабнало: Марк Чембрлен работел таму како тренер на детската екипа.

„Момент од работата со татко ми што најмногу го памтам е - мечот против Тотенхем. Во првите 10 минути направив две груби грешки при што татко ми викаше по мене а јас се правев дека не го слушам. Тогаш ме замени и се развика: „Брзо пресоблекувај се и во кола. Не на клупа туку во кола!

Имаше уште 15 минути од мечот а јас не можев да останам со тимот и плачев без престан. Кога дојде во кола и кажа дека секогаш треба да го слушам тренерот. И беше во право, тоа ми беше највредна лекција“, се сеќава Алекс Окслејд-Чембрлен.

Марк имал цел тон мотивационен материјал за својот син. И самиот Чембрлен постариот бил искален низ животот затоа што во детството имал проблеми со расисти во школото.

Подоцна го навредувале членови на партијата „Национален фронт“, а тој и покрај тоа стигнал до репрезентацијата на Англија. „Кога некој ќе фрлеше банана во тато, тој ја собираше, ќе ја излупеше, ќе каснеше и викаше фала. Не му беше гајле, научи да ги игнорира навредите“, се сеќава малиот Алекс.

НИЗОК И СЛАБ

И покрај постојаната грижа на татко му, Алекс Окслејд-Чембрлејн не бил ни близу до статусот ѕвезда во академијата на Саутемптон. Мал по раст, скромна тежина, тесни раменици - буквално се што не треба да има еден потенцијален фудбалски талент кој се бори со својата конкуренција за влез во составот.

Малиот и слаб Алекс бил најспор во тимот и за да расне во конкурентна средина а да не се чувствува омаловажен, тој цела година работел со една година помали деца од него. 

Кога наполнил 15 години се случил главниот тест во неговиот живот. „Тренерите не можеле да се определат дали треба да потпишат договор со мене и склони беа да мислат дека е подобро да се ослободат од мене. Ми останаа уште два месеци да им докажам дека треба да останам. Имав по два тренинга, трчав два пати повеќе и на крајот станав покрупен. Ме оставија“, раскажува новиот фудбалер на Ливерпул.

Шест месеци подоцна, Алекс значително се извишил, пораснал и станал моќен. „До тогаш никој не ми веруваше, а само татко ми викаше: ’Да, сега ќе те буткаат сите во дуел, но замисли што ќе биде на 17-18 години. Ти ќе стануваш побрз и нема да може да те стигнат. Тој ја знаеше мојата психологија и дека не се предавам. Инсистираше да верувам дека ќе биде добро“, признава Окслејд кој му бил најголема поддршка во животот.

Во средно школо на физичко играл рагби и крикет и тоа мошне добро. На рагби бил играч за врска и најактивен играч кој е должен да дели асистенции и да стои во одбраната.  Но не сакал да оди во друг спорт. Не сакал ни татко му. А после напорните тренинзи и тренинзи тоа му се исплатеше кога стана најмладиот дебитант во историјата на Саутемптон после Тео Волкот и даде 10 гола во првата година сениорски фудбал.

А потоа, како и Волкот замина во Арсенал.

ГОЛ НА МАРАКАНА

Најубав момент во кариерите на Окслејд и неговиот татко бил мечот Бразил - Англија на Маракана.

Чембрлен-постариот играл таму во 1984 година: Англија го победила големиот Бразил со 2-0 а Марк го прогласиле за еден од најдобрите играчи на мечот. Бразилските новинари прашувале дали би преминал во нивната лига: „Зборуваа дека не играм како Британец, туку како прав Бразилец“.

После 29 години Алекс исто стигна на легендарната Маракана. На неколку часа пред судиската свирка за почеток на мечот, татко му му напишал кратка порака: „Потруди се да бидеш најдобар.“ Окслејд даде гол и татко му реагирал иронично: „Така е кога ме слушаш мене“.

„Татко ми секогаш беше искрен. Знаете, јас можам да го играм најлошиот меч во историјата, а мајка ми да ми каже дека сум бил најдобар. Но тоа е мајка ми. А татко ми секогаш ми кажува дали сум играл добро или лошо. Тој ме научи на најважното: ако нешто направам добро, може уште подобро. Тоа правило ме држи на земја“.

Презимето Окслејд-Чембрлен го добил по желба на мајка му, во знак на сеќавање на нејзиниот роден брат.

„Тој (вујко му) загинал во сообраќајна несреќа. А затоа што бил единствено машко во родот на Окслејдови, ние направивме двајцата наши синови да го носат презимето Окслејд-Чембрлен. Така презимето на жена ми никогаш нема да избледи и ќе остане во историјата“, вели татко му на Алекс.

НЕСРЕЌЕН БЕЗ МУЗИКА

Во февруари 2017 година Арсенал одново го изеде депресија и мрак. 2-10 од Баерн Минхен во Лигата на шампионите, порази од Челси и Ливерпул и само две победи (над петтолигашот Сатон и испаднатиот Хал) - ужасен учинок кој испровоцира цела кампања под назив Wenger Out.

Окслејд-Чембрлен тогаш приметил дека екипата има проблем од психолошка природа затоа што во соблекувалната цело време се вртела иста музика. По зборовите на Алекс, тоа им влијаело психички: „Кога ти 25 меча по ред слушаш едни исти песни, секако дека ќе ти дојде преку глава. Дојде време да го смениме тоа и отидов да ја освежам плеј-листата“.

Алекс вели дека ако ги заборави слушалките пред да одат некаде тоа е за него ноќен кошмар: „Одам по автобусот и ги прашувам соиграчите: да не имаш уште едни слушалки? да не имаш уште едни слушалки? Не можам да функционирам без музика“. 

Во детството учел да свири на пиано и на виолина но не завршил во музичка школо затоа што другарите му викале дека не е за таму.

„Сега имам мешан вкус. Слушам хип-хоп, R&B, танцовна музика - се по ред“, изјави лани Алекс Окслејд-Чембрлејн.

Останува да се надева дека музиката во Ливерпул нема да го разочара за да мора да ја менува.