Русија може подобро

Селекторот на репрезентацијата на Русија, Дик Адвокат по триумфот над Чешка со 4:1 воопшто не беше еуфоричен и победата на неговите избраници ја оцени како многу добар резултат. Холанѓанецот на клупата на Русија, очигледно е свесен дека ова е само прв натпревар на турнирот и дека нема потреба од еуфорија бидејќи за пласман во следната рунда потребни се победи и во дуелите со следните противници.

"Кога ќе постигнете четири гола против селекција како што е Чешка, морате да кажете дека сте забележале добар резултат. Не сум задоволен од големиот број на не реализирани шанси, можени некоја подобра репрезентација ќе постигне повеќе голови против нас и затоа мораме да ја користиме секоја идеална можност за погодок", рече Адвокат.

Рускиот селектор истакна дека неговите избраници се исцрпени од напорната сезона во домашното првенство и дека секој ден го користи за нивно релаксирање бидејќи турнирот е долг и на фудбалерите им е потребна свежина.

"Тренираме само еднаш дневно, нема потреба од дополнителни напори. Ако го зголемиме интензитетот, играчите нема да можат да одат на теренот. Мечот со Чешка е минато и ние ќе се концентрираме на следниот меч, кој не очекува в среда. Играме против домаќинот и со победа го обезбедуваме пласманот во следната фаза", заврши Адвокат.


Селекторот на Чешка, Михал Билек смета дека по поразот од Русија, шансите не се загубени и дека сега треба да се концентрираат на следните предизвици во групата.

"Долго време ја анализиравме играта на Русија, тоа е одличен тим и со вечерашниот настап ја потврдија улогата на фаворит. Им дозволивме да создадат многу шанси од кои четири ги претворија во голови. Русија играше извонредно, а ние правевме премногу грешки на средината, буквално секоја освоена топка беше шанса за гол", истакна Билек.

Следните натпревари во А групата се играат на 12-ти јуни. Од 17 часот стартува мечот меѓу Грција и Чешка, а од 20:45 играат Полска и Русија.

9 јуни 2012 - 01:18