Роналдо со силни комплименти за Дејан Кулушевски

Со два сјајни гола против Шведска на „Френдс Арена“ во Стокхолм, Кристијано Роналдо стигна до 100. и 101. гол во националниот дрес. После мечот бил расположен да зборува на разни теми а најинспиративен бил кога го прашале за Дејан Кулушевски.

Македонецот Дејан Кулушевски кој игра за Шведска и кој неодамна потпиша богат договор со италијанскиот гигант Јувентус, доби силни комплименти од еден од најголемите фудбалери на сите времиња. Од човекот кој синоќа одново покажа зошто е великан. Со два маестрални потези го реши мечот.

За Кулушевски вели:

„Јувентус купи топ талент! Сигурен сум дека ќе дава многу голови. Во него гледам голем потенцијал и огромен талент. Убеден сум дека Дејан ќе игра добро и ќе ни помогне да направиме големи нешта во Јуве. Ми се допадна многу како играше со Шведска зошто не го познавав многу добро. Овојпат го набљудував и сега знам дека сме земале голем играч. Се надевам дека ќе играме и ќе дадеме многу голови заедно“, рекол Кристијано Роналдо за шведската TV4 после мечот кој Португалија го доби со 0:2.

РЕПЛИКА ОД ДЕЈАН

Кулушевски, во ситуација кога актуелниот европски шампион Португалија имаше апсолутна надмоќ на теренот, беше еден од посветлите точки кај Швеѓаните. Неколку пати со фини пробиви успеа да ја помине одбраната на ривалот но напаѓачите немаа завршница.

„Неговиот (на Кристијано) втор гол беше уште поубав од првиот и ја направи разликата. Останувам импресиониран секогаш кога го гледам као игра, навистина е неверојатен. Кристијано на секој меч покажува дека е најдобар. Среќен сум што ќе можам да играм со него во Јувентус“, заклучи Дејан Кулушевски чии родители се по потекло од Охрид а тој е роден во Стокхолм.

9 септември 2020 - 14:16