Роналдињо и деби голот на Меси за Барса

Некогашниот светски број еден, Бразилецот Роналдињо вели дека се радува секогаш кога ќе се сети на моментот кога му асистирал на Меси за првиот гол на Аргентинецот во дресот на Барселона.

Иако има само 23 години, Нејмар веќе е капитен на бразилската фудбалска репрезентација. Во меѓувреме одлично го искористи отсуството на Меси поради повреда и постигна 13 голови на 14 натпревари. За него само пофални зборови има неговиот сонародник Роналдињо.
„Тој е феномен, најдобриот Бразилец денес. Убаво е да се види уште еден сонародник кој ја пишува историјата. Тој е одличен играч и пријател и се надевам дека ќе продолжи со успесите“, изјави Роналдињо.
Инаку самиот Рони кратко играше на Камп Ноу со актуелниот тренер на Барса, Луис Енрике кого многу го почитува.
„Не игравме многу долго заедно, но се сеќавам на неговиот последен натпревар. Досудија пенал за нас, јас сакав тој да го изведе, но тој одби. Создаваше историја како играч, а сега е еден од најдобрите тренери на светот“, додаде Бразилецот.
Токму Роналдињо беше асистент при првиот гол за најдобриот стрелец на Барса на сите времиња.
 
„Тоа ми е еден од поубавите спомени, кога му асистирав за првиот гол во дресот на Барселона. Навистина е посебно кога играте со некој на почетокот на кариерата. Да се биде дел од нешто на што секогаш со радост ќе се сеќавате. Тоа е убавината на фудбалот“, констатираше Роналдињо.
На 17 години, Меси го даде првиот гол за Барса на 1. мај 2005. година на Камп Ноу против Албасете:
12 ноември 2015 - 21:42