
Динамо предводен во одбраната од нашиот Ристовски, од сјајниот голман Ливаковиќ и од репрезентативниот центарфор Бруно Петковиќ одигра сјајни први 45 минути и поведе со 0-1 на истек на првиот дел со голот на стоперот Шутало.
Тој гол беше студен туш за домашните навивачи кои цела вечер ја поминаа во оддавање чест на нивниот убиен навивач Михалис (29) кој загина во жестоките нереди кои ги предизвикаа навивачите на Динамо Загреб во Атина пред десетина дена.
На пауза се замина со водство 0-1 за „модрите“.
Во вториот дел од мечот, АЕК напаѓаше но одбраната на хрватскиот првак ги одби сите напади. Фантастични беа голманот Ливаковиќ и Стефан Ристовски кои беа непремостлива препрека.
Во 65' минута Динамо по една контра зголеми на 0-2 преку Љубичиќ и тоа беше прав шок за домашните играчи и навивачи.
И во самиот финиш кога сите веќе го видоа Динамо како победник од овој двомеч се случи чудо. Прво Араухо во 90+2' минута од судиското продолжение налета на една одбиена топка после корнер и ја закова во голот на Динамо за 1-2.
Од тој момент цел АЕК се пресели пред гостинскиот гол. При последниот корнер на мечот стрелецот на вториот гол за Динамо Љубичиќ играше со рака во свој шеснаесетник и судијата по гледање ВАР досуди пенал за АЕК.
Тргна да го изведува Пинеда, Ливаковиќ одбрани но на одбиената топка натрча хрватскиот стопер и поранешен фудбалер на Динамо Загреб Домагој Вида кој со глава немилосрдно ја заби за 2-2 и пласман на АЕК во плејофот од Лига на шампиони!