По поразот на Ел Класико од Реал Мадрид, со што каталонците се разделија со својата титула во Шпанија, ранетата Барса мора да победи против Челси за да ја спаси сезоната. Победа на Челси на овој натпревар не само што ќе значи катастрофа каква што се нема случено од 2003-та година кога Барселона последен пат има забележано три порази во серија, туку и мизерна сезона за актуелниот шпански, европски и светски шампион на кого единствено ќе му остане да се бори за трофејот во домашниот куп.
Оваа сезона Барса игра одлично на Камп Ноу и овој викенд против Реал Мадрид го забележа само вториот пораз по 30 натпревари. Но на последните три дуели на Камп Ноу, Барселона нема победа над Челси. Во сезоната 2005/06 одиграа 1:1, 2006/07 ремизираа со 2:2, а во 2009-та година натпреварот заврши без голови.
Уште еден фактор во корист на Челси е податокот што на тие немаат пораз од Барселона на последните шест меѓусебни дуели (две победи и четири нерешени).
Ако на ова се додаде и фактот што мрежата на Челси е проколната за најдобриот стрелец на Барселона, Лионел Меси кој нема дадено гол против лондончаните, тогаш јасно е дека актуелниот шампион вечерва ќе има многу тешка задача да ја анулира негативата и да се пласира во финалето.
Но Барселона многу пати до сега има докажано дека е голем клуб кој учи од своите грешки. Кој би можел да замисли два големи неуспеха на Барса во рок од три дена? Ако Гвардиола научил од своите грешки против Реал Мадрид и ако успеал да ги мотивира своите фудбалери по загубеното Ел Класико и титулата во Примера, тогаш ниту статистиките, нути историјата, ниту формата нема да можат да им помогнат на фудбалерите на Челси, а овој натпревар ќе има само еден можен исход.