Пукна тиквата меѓу Швеѓаните

По поразот од Украина на стартот од Европското првенство, шведските репрезентативци имале жестока расправија во соблекувалната, а кавгата почнала уште во паузата меѓу двете полувремиња кога тешки зборови си размениле Златан Ибрахимовиќ и Маркус Розенберг.

"Се договоривме дека треба да играме со повеќе додавања, но наместо тоа нашата игра се базираше на долги топки и постојано се прескокнуваше средниот ред. Токму поради тоа бевме безопасни по голот на противникот. Како да дојдете во позиција да постигнете гол, кога пред вас има пет противнички играчи", рече Розенберг.

Бесен на своите фудбалери беше и селекторот, Ерик Хамрен.

"Игравме кукавички, особено во првото полувреме. Воопшто не сум задоволен од прикажаната игра, искрено очекував многу повеќе. Во ниту еден момент не покажавме дека имаме храброст да му се спротивставиме на противникот, преодна оцена за својот настап може да добијат само неколку фудбалери", изјави Хамрен.

Шведскиот селектор потенцираше дека поразот од Украина треба да биде поука за неговите фудбалери и сега мора да се концентрираат на следниот противник, Англија.

Мечот против Гордиот Албион се игра в петок, Швеѓаните со евентуален пораз дефинитивно ги губат шансите за пласман во следната фаза додека Англичаните со триумф се на чекор до обезбедување на место во четврт-финалето.

12 јуни 2012 - 15:47