ПСВ го освои најбрзото шампионско злато во историјата на холандската лига

На 5-ти април ПСВ Ајндховен и официјално и математички ја освои шампионската титула во Холандија за сезонава 2025/2026 и стана најбрз првак во топ лигите во Европа. 

Со +17 бода бода пред вториот на табела, лидерот ПСВ Ајндховен многу рано ја обезбеди шампионската титула која никогаш не била осигурана во оваа фаза од холандското првенство.

ПСВ дома одигра спектакуларен натпревар со дури 7 гола и победи 4:3 против Утрехт а триумфот го обезбедија со победничкиот гол на крилото Кухаиб Дриош во 90+4' минута од натпреварот. Гостите водеа 0-2 уште во 13' минута но ПСВ до крајот направи голем пресврт кој го режираа Исмаел Саијбари и Гус Тил.

Феенорд Ротердам кој е втор на табела можеше да го одложи славјето во Ајндховен но одигра само 0-0 против Волендам. Сега веќе никој не може да го стигне ПСВ чии навивачи имаа мало славје пред големото кое допрва следува.

АПСОЛУТНА ДОМИНАЦИЈА НА ПСВ

„Филипсовците“ го освоија најбрзото злато во Холандија. Поточно обновија рекорд и го урнаа нивниот стар кој го држеа од сезонат 1977/1978 кога станале шампиони на 8-ми април. После 48 години станаа шампиони на 5-ти април.

ПСВ Ајндховен е шампион трет пат по ред во Холандија. Во сезоната 2023/2024 станаа прваци на две кола пред крајот, во 2024/2025 се крунисаа за шампиони во последни минути од последното коло во најдраматична завршница на едно првенство кога Ајакс испушти два гола предност и изгуби титула со играч повеќе.

Екипата од „Филипс Арена“ има 5 шампионски одличја во последните 10 години: 2015/2016, 2017/2018 а сега и три во серија.

За тренерот на ПСВ Петер Бос ова е трет шампионски пехар во холандска Ередивизија и сите како тренер на ПСВ. Се израмни со тренерите Кес Рејверс, Лео Бенкахер, Роналд Куман, Филип Коку и Ерик тен Хаг.

По четири титули имаат Ринус Михелс, Луи ван Гал и Франк де Бур а шест има Гус Хидинк. Уште пред да биде основана Ередивизија, осум титули со Ајакс освоил тренерот Џек Рејнолдс но тоа е официјално друга епоха.

За само три години Петер Бос на ПСВ му донесе три титули и два Суперкупа на Холандија. Куп уште не освоија, а сезонава испаднаа од НЕК Најмеген. Петер Бос никогаш во кариерата не го освоил Купот. Во февруари тој доби нов договор од управата на ПСВ до 2028-ма година.

ШТО СЕ СЛУЧУВА СО АЈАКС? СМЕНИЈА ТРИ ТРЕНЕРИ ЗА СЕЗОНА

Ајакс Амстердам не е ниту втор во Холандија во моментов. После 29 кола Ајакс е на 5-то место со мали шанси за 2-ро место кое води во квалификации за Лига на шампиони.

„Копјаниците“ до крајот на сезоната ќе играат со немотивираниот шампион ПСВ Ајндховен кој ја освои титулата, плус со Херенвен кој се бори за место во Лига Европа а два од пет преостанати натпревари им се против екипи кои се борат за опстанок: Хераклес и НАК Бреда.

Ајакс сезонава веќе смени дури три тренери. Сезоната ја почна со Џони Хејтинга, потоа на клупата седна Фред Грим, а во март го доведоа Оскар Гарсија. Но прашање е дали и тој ќе ја заврши сезонава - управата веќе повела преговори со Мичел Санчес од Жирона.

6 април 2026 - 13:22