Валенсија пред мечот беше на 16. место на табелата во Ла Лига и за очекување беше тимот на Зидан да се прошета на „Местаља“.
Така и почнаа, први поведоа преку Карим Бензема во 23' минута.
Ама само 10 минути подоцна пенал за Валенсија по играњето со рака на Лукас Васкез. Топката ја намести Карлос Солер на кого Куртоа му го одбрани пеналот, а Солер одбиената топка ја шутна во статива. По кратко прегледување на ВАР, судијата процени дека Куртоа предвреме излегол од гол линијата па пеналот се изведуваше пак. Овојпат Солер израмни на 1-1.
Во 43' минута Варан си даде автогол за водство на Валенсија (потврдено со ВАР, иако од Реал се бунеа дека претходно имало фаул над Асенсио). После се случи нешто што никогаш во историјата не се случило во Ла Лига. Судијата досуди уште два пенали против Реал (сите три беа оправдано досудени). Карлос Солер ги погоди и двата и „лилјаците“ славеа со 4-1!
Еден од најдобрите шпански судии кој го судеше мечот, Хесус Хил Манзано влезе во историјата како прв арбитар кој свирнал три пенали против Реал Мадрид.
За Валенсија ова беше прва победа после повеќе од 1 месец: претходно се радуваа на 29 септември и имаа само 1 нерешена во 4 кола. Благодарение на историскиот триумф над „кралскиот клуб“ Валенсија се искачи на 9. место и има исто бодови колку и Барселона која има 2 меча помалку.
Реал изгуби по вторпат сезонава во Ла Лига (првиот пат сензационално од Кадиз 0-1 дома) и е на 4. место. Реал Сосиедад (+4 од Реал и меч повеќе), Виљареал (+2 од Реал и 1 меч повеќе) и Атлетико Мадрид (1+ од Реал и 1 меч помалку) се на самиот врв на табелата.
⚽⚽⚽ - @Carlos10Soler is the 1st player to score a hat-trick of penalty goals in a single La Liga match since Alen Peternac for Real Valladolid in a 8-3 win at Real Oviedo on 19 May 1996. #AmuntValencia #VALRMA
— Gracenote Live (@GracenoteLive) November 8, 2020