Фудбалерите на Камерун ја презедоа контролата на теренот уште од самиот почеток и ја имаа теренската иницијатива во текот на целото полувреме. Нашите репрезентативци беа во подредена улога и имаа повеќе потешкотии во организација на играта, но Камерун тоа не го искористи.
Единствената сериозна шанса се случи во 16-та минута кога Чупо-Мотинг ја погоди пречката, а потоа Пачовски го одбрани ударот по одбиената топка.
Советите на Ѓуровски не делуваа на полувремето и по седум минути игра во вториот дел Вебо на атрактивен начин го совлада Пачовски за водство на Камерун од 1:0.
По неполн час игра Ѓуровски направи четири измени уфрлувајќи ги во игра Јаховиќ, Сулејманов, Илијоски и Велкоски. Нововлезените фудбалери внесоа повеќе енергија и агресивност во играта, но офанзивната игра не даде резултати.
Најсериозната шанса на натпреварот нашата репрезентација ја имаше во 70-та минута кога Јаховиќ одлично го проигра Илијоски пред голот, но напаѓачот на Работнички биеше во противничкиот голман.
Репрезентативците на Камерун кои за две недели ќе ги гледаме на Светското првенство во Бразил, не го дадоа својот максимум и не прикажаа премногу сјајна игра, но рутинирано и искусно ја контролираа играта, а на шест минути пред крајот преку Чупо-Мотинг го зголемија водството и осигураа победата од 2:0.
Ова беше втор натпревар и втор пораз за Македонија против Камерун и вкупно петти дуел против репрезентации од Африка против кои немаме извојувано победа.