Страст, упорност и чувство за заедница се трите главни белези кои го красат Унион Берлин. „Железниот“ Унион како што го викаат навивачите е еден од најкултните клубови кај кој зачувувањето на идентитетот и традицијата се поважни од резултатскиот успех.
Заедништвото им е вкоренето уште отсекогаш и тоа им пркоси на сите препреки со кои се соочувале низ историјата, како што е падот на Берлинскиот ѕид, кога повеќето клубови од Источна Европа, особено Германија биле полни со корупција.
Навивачите на Унион Берлин понекогаш го користат фудбалот и како издувен вентил за да го искажат својот протест со песни против комунистичките правила. Кога противникот се мести за изведување слободен удар од трибините може да се слушне "Die Mauer Muss Weg" (Спуштете го долу ѕидот), фраза во која има метафора.
Додека многу луѓе од Источен Берлин беа многу брзо замолкнати од било каков вид на протест или критика, Унион остана светилник на протест за време на Студената војна.
Тоа се случуваше и во периодот кога клубот имаше страшна аверзија спрема Динамо Берлин, кој вил силно поддржан од источно германската тајна полиција позната под името „Штази“. Омразата била обострана, а првиот човек на Штази дал отворена поддршка за градскиот ривал на Унион и присуствувал на нивните натпревари.
Затоа и не треба да зачудува што Динамо Берлин од 1979-та година 10 сезони по ред ја освојувал титулата, потпомогнати од загрозени судии. Сепак Динамо во моментов играат во четврта лига, а Унион се на добар пат следна сезона да настапуваат во Бундес лигата.
Историјата и традицијата се цврсто испреплетени со клубот. Унион Берлин сè уште игра на Ан де Алтен Фурштереи, стадион кој го отворија пред 97 години.
Но на стадионот кој уште малку ќе слави еден век од својата изградба, се разбира му треба реновирање, а тоа се случи во 2008-ма. Клубот тогаш немаше пари и играше во трета лига, но беа очајни за модернизирање на нивниот стадион. Решение?
Тука се неверојатните навивачи кои се собраа околу 2.500 и 13 месеци работеа на реновирањето без воопшто да очекуваат плата за тоа. Успеаа да изградат три целосно нови тераси и да го спасат стадионот на кој работеа гратис 140.000 часа.
По реновирањето стадионот доби капацитет од 22.000 и речиси секогаш се распродава до крај. Официјалното отворање се случи на 12 јули 2013-та со пријателски натпревар против Селтик.
Ако мислите дека ова е најмногу што навивачите можат да направат за својот сакан клуб, се лажете. Четири години пред тоа, во 2004-та, на клубот итно му беа потребни 2 милиони евра за да избегне банкрот, како и пари за лиценца за да играат во четврта лига.
Навивачите повторно беа во главна улога и организираа акција „Крвари за Унион", а парите (во Германија се добиваат пари за давање крв), ги донираа во Унион Берлин и го спасија својот клуб.
Па има ли подобра метафора за тоа колку овие навивачите го сакаат својот клуб? Тие не се навивачи, туку една голема фамилија која гине за својот клуб, кој опстојува во втората лига благодарение на нив.
Кога претседателот на клубот патува на гостувања ги одбива поканите да седи во ВИП ложите и натпреварите ги следи заедно со останатите навивачи на гостинската трибина.
Дека стадионот на Унион Берлин е втор дом на навивачите докажува и нивното заедничко славење на Божиќ, традиција стара 13 години. На првиот собир во 2003-та на стадион се собрале 89 навивачи, но потоа бројката драстично порасна и стадионот се исполнува до крај.