Несторовски потпиша две годишен договор со второлигашот Асколи, кој му важи до 30 јуни 2025.
Се работи за клуб формиран во 1898 година, една година постар од Милан, кој и покрај тоа што доаѓа од мал град со скоро 50.000 жители, од 1974-та наваму се има изборено за 16 учества во Серија А.
Македонскиот репрезентативец беше претставен пред навивачите во првото коло од Серија Б, во кое Асколи славеше против Фералписало со 3:0.
„Добредојде Несторовски, му благодариме што не избра, убедени сме дека нашиот шампионат ќе почне уште вечерва“, рече газдата на клубот Масимо Пулчинели.
„Многу сум среќен што го носам овој дрес и ви ветувам дека со гордост ќе ги бранам овие бои. Вечерва треба да им помогнеме на сите овие момчиња. Напред Пикио“, рече Нестогол.
За 33 годишниот македонски репрезентативец ова ќе биде осма сезона во италијанскиот фудбал. Во Удинезе беше четири сезони каде на 84 натпревари постигна 8 гола.
Блесокот го имаше во Палермо каде играше една сезона во Серија А и уште две во Серија Б. За тимот од Сицилија постигна 39 голови на 99 средби и стана миленик на навивачите.
Инаку во Асколи, италијанската авантура ја почна Оливер Бироф кој во периодот 1991-1995, играше по две сезони во прва и втора лига и постигна 49 погодоци.