Претседателот на Светската куќа на фудбалот најпрвин во интервју за „Еуроспорт" изјави дека одржувањето на Мундијалот во Катар за време на летото се коси со здравиот разум, а пред два дена ги анализираше евентуални проблеми за што доби поддршка и од Меѓународнкиот синдикат на фудбалери, ФИФПро.
Но конечната одлука за Светското првенство се чини дека тешко ќе биде донесена затоа што први кои го нападнаа овој предлог е Премиер лигата. Според нив одржувањето на првенството во зима е неизводливо и непожелно, затоа што ќе го поремети распоредот на тековната сезона на англиското првенство и негативно ќе влијае врз спонзорските договори за емитување.
Откако Катар ја доби организацијата на Мундијалот веднаш излезе со план во кој ќе се изградат ултра модерни стадиони кои ќе бидат климатизирани, но според Сеп Блатер тоа не е доволно.
„Ако Светското првенство е забава за луѓето тоа не може да се игра во лето. Вие можете да ги изладите стадионите, но не можете тоа да го сторите во целата земја", рече Блатер.
Високиот ризик за одржувањето на Мундијалот во земјата каде летата се неподносливи го посочија и инспекторите од ФИФА кои предупредија дека тоа е ризик за здравјето на играчите, официјалните лица и гледачите, и истото прашање го постави и генералниот секретар.
„Играњето фудбал во лето не е добрa опција ниту за играчите ниту за фановите. Како е можно кога се одбра Катар за домаќин никој веднаш да не реагира околу овој проблем, па дури ни УЕФА", напиша na Твитер генералниот секретар на ФИФА, Тео ван Сегелен.
Во период кога челните луѓе на ФИФА се повеќе се сложни дека Светското во 2022 е најдобро да се одржи во зима, останува да се види дали по Премиерлигашите ќе има и други реакции од останатите лиги каде би се прекинале сезонските натпревари.
Извршниот комитет на ФИФА закажа состанок во Цирих на 3 и 4 октомври кога ќе биде донесена конечната одлука за ова "жешко" прашање.