СП Катар 2022 кое може да ни го донесе "најжешкиот" Мундијал постојано е "жешка" тема во медиумите. Пред неколку месеци „Франс Фудбал" објави истражување на 15 страници според кое домаќините со помош на мито успеале да станат домаќини на најголемиот фудбалски собир.
Но откако таа тема стивна, ФИФА постојано се занимава околу прашањето како ќе се одржи Светското првенство во Катар додека во земјата се мерат највисоките температури. Откако Мишел Планити апелираше Мундијалот да се организира во зима, за прв пат истото мислење го подели со него и Сеп Блатер.
Претседателот на ФИФА изјавуваше дека за евентуално поместување на тајмингот на Мундијалот, земјата домаќин треба да испрати официјално барање, но овој пат тој е дециден и во интервју за „Еуроспорт“ изјави дека СП 2022 не може да се одржи во лето.
„Светското првенство во Катар не може да се одигра во лето, затоа што тоа се коси со здравиот разум. Мора да биде во зима кога темпепературите се поблаги односно на крајот или на почетокот од годината", изјави претседателот на ФИФА.
Уште кога ја доби организацијата за Мундијалот, Катар веднаш најави дека ќе изгради климатизирани стадиони на кои нема да се почуствуваат горештините од високите температури, а според најновите информации тие планираат да вложат вкупно 200 милијарди долари.
Околу 140 милијарди ќе бидат наменети за инфраструктура односно нов аеродром, метро и сообраќајници, 20 милијарди за да привлечат повеќе туристи, а остатокот од парите за организација за Светското првенство.