Во летниот трансфер период клубовите од англиската Премиер лига потрошиле 313 милиони евра, што е најмногу во цела Европа.
Најголеми трошаџии беа Челси кои платија 80 милиони евра за Еден Азар, Оскар и Марко Марин. Арсенал го загубија Ван Перси, но ги купија Подолски, Жиру и Казорла. Тотенхем се подновија со Вертонген и Сигурдсон, Ливерпул ги купија Борини и Џо Ален, Манчестер Јунајтед потроши 16 милиони евра на Шинџи Кагава од Борусија Дортмунд, а Манчестер Сити го доведе само Џек Родвел од Евертон.
Многу пари (282 милиони евра) потрошија и клубовите од Серија А, но многу фудбалери и ги напуштија клубовите, па тие заработија 295 милиони евра.
Во Серија А веќе нема да ги гледаме Ибрахимовиќ, Тиаго Силва, Лавеци, Дел Пјеро, Неста, Инзаги, Сидорф, Гатузо... а кога ќе видиме дека најзвучни имиња кои пристигнаа се Валеро, Аревало, Дибала, Запата и Фернандез, тогаш дефинитивно можеме да заклучиме дека Серија А го загуби сјајот.

Трети најголеми трошаџии се Французите кои потрошиле вкупно 202 милиони, а од оваа сума дури 140 милиони евра потроши само ПСЖ.
Бундеслигашите за нови засилувања одвоија 179 милиони, руските клубови 115, а клубовите од Турција потрошиле 66 милиони евра.
Финансиската криза во Шпанија имаше влијание и на фудбалските клубови. Членовите на шпанската Примера за нови фудбалери потрошиле само 65 милиони евра.