Последното носталгично миланско дерби вредно трофеј

Август е месец кој потсетува на многу Супер куп соочувања, а едно такво се одигра токму на денешен ден пред 9 години. Протагонисти Интер и Милан во Пекинг со големи фудбалски имиња. Единствен кој и сега е во Милано? Ибра. Стрелец? Ибра. Man of the match? Ибра.

На 6 август 2011-та, Интер и Милан за прв пат во историјата се сретнаа во италијанскиот Супер куп и без разлика што тоа не е трофеј од најголемо значење за италијанскиот фудбал, сепак дерби е дерби, особено кога на градскиот ривал ќе му го кренеш пехарот во фаца.

Таа година Милан го освои последното 18-то Скудето кога Интер беше бранител на титулата, а тој пак се најде во финале како освојувач на Купот на Италија. Инаку тоа не беше битка меѓу Анчелоти и Мурињо, туку на клупа седеа Алегри и Гасперини. Првиве двајца беа заминати.

Затоа на терен, имиња кој од кој. Во одбра на една страна Неста и Силва, на другата Занети и Самуел. Во среден ред Гатузо и Сидорф, против Снајдер и Станковиќ. Во напад Ибрахимовиќ vs Ето. На клупата за резервни играчи беше Горан Пандев.

Во 22-ра минута Снајдер го исчаши Абијати со мајсторија од слободен удар, но шоуто на мечот го направија Ибра и Боатенг кој го свртија мечот за само 8 минути во вториот дел. 

 

6 август 2020 - 13:36