Последниот танц на Модриќ во дресот на Реал Мадрид

„За ова вреди да се плаче. Збогум, Лука“, пишува Марка.

Лука Модриќ го одигра последниот 597-ми натпревар за Реал Мадрид, во полуфиналето на Светското клупско првенство. Не изгледаше убаво, сигурно не како што тој го замислуваше, бидејќи ПСЖ беше немилосрден со 4:0.

Но, наскоро ќе биде заборавено, а убавото ќе остане антологиско.

Марка се збогува со Модриќ со два текста. „Збогум Лука, збогум Лукас“, бидејќи и Васкез заминува од Реал. „За ова вреди да се плаче“, пишува шнаскиот весник.

„Штета што последниот натпревар на Лука Модриќ во дресот на Реал Мадрид заврши со овој пораз, но ништо не може да ја засени неговата спектакуларна кариера во кралскиот клуб. Тој нема да има фотографија со трофејот во својот последен натпревар, но засекогаш ќе биде запаметен како најдобриот играч од средниот ред во историјата на Реал.“

Вториот напис кој го посветија на хрватскиот великан е насловен: „Модриќ, збогум со пригушувач“, под кој пишува: „Хрватот ја заврши својата ера во Реал Мадрид со болен пораз. Заминувањето на Модриќ беше напишано дури и пред почетокот на Светското првенство. Она што не го знаевме е дека ќе биде толку горчливо“.

„Ненаситниот ПСЖ го претвори збогувањето на Хрватот во вистински кошмар. Да, дури и генијалците ги имаат. Стадионот во Њу Џерси го пречека играчот со најмногу трофеи (28) во историјата на Реал Мадрид со аплауз и овации. На крајот, почитта беше оддадена тивко, откако самиот тој ја спушти завесата на неговиот последен настап како играч на Реал“.

„Сега кога замина, сфаќаме дека не е вечен. Само тоа многу добро го криеше. Немаше ни трошка епска атмосфера во неговото збогување, она што толку често го придружуваше Лука. Тој влезе во игра во 64-тата минута, откако веќе го гледаше тимот на Луис Енрике како ги постигнува своите први три гола од клупата.

По последниот свиреж на судијата, Модриќ ги прегрна соиграчите и противниците. Можеби не го заслужи овој крај. Но, најтешкото нешто за навивачите на Реал е да прифатат дека оваа приказна никогаш повеќе нема да започне“.

Шпанците заклучуваат: 

„За човекот од Задар, ова Светско првенство беше трка со времето. Неговиот последен меч за кралскиот клуб беше скромен. Повеќе не му требаше. Модриќ никогаш не бараше аплауз, иако тој беше саундтракот на секој натпревар што го играше. Најпосебниот стадион: Сантијаго Бернабеу. Неговото лично игралиште каде што ги воодушевуваше навивачите 13 години. Сега тој стадион ќе мора да најде нов диригент“.

„Нема да биде лесно затоа што Лука ја држеше топката како никој друг и го правеше она што беше чудесно за другите да изгледа обично. Можеби затоа инсистираше Мадридистите да се смеат за сè што доживеале заедно. Такви беа правилата на Модриќ, човек кој ја фрли публиката во колективно лудило. Неговиот потпис беа асистенциите што сега ќе живеат само во имагинацијата на навивачите на Реал.“

Најдобриот хрватски фудбалер на сите времиња му се придружи на шпанскиот гигант во 2012 година, пристигнувајќи од Тотенхем и стана легенда, со најмногу трофеи во дресот на Реал Мадрид.

Ја прекина доминацијата на Меси и Роналдо во 2018 година и ја освои Златната топка, највисоката индивидуална награда во светскиот фудбал.

И додека двајцата избраа егзотични дестинации во залезот од нивните кариери, како што се САД и Саудиска Арабија , Модриќ одлучи да остане во Европа.

Неговата важност за Реал беше неизмерна во текот на сите овие години. Со Тони Крос, тој го држеше средниот ред на кралскиот клуб, ја водеше играта, ја покриваше одбранбената фаза и со својата креација ги градеше нападите, постигнуваше голови и асистираше, обезбедувајќи ја таа многу потребна рамнотежа во тимот.

И неодамна, кога веќе не беше стартер, беше јасно дека дури и со скратена минутажа неговата улога е од исклучителна важност.

„Ако ме ставите во игра, ќе дадам сè од себе за да победам, тоа е мојата животна филозофија и ќе се држам до неа до крајот на мојата кариера“, му рече Модриќ на новиот тренер на Реал Мадрид, Чаби Алонсо.

Сите го сакаат Лука, дури и навивачите на ривалските клубови и националните тимови. 

Една ера заврши, но капитенот на Реал сè уште има многу да им понуди на љубителите на фудбалот низ целиот свет. И во дресот на Милан и во неговиот омилен, хрватскиот. 

10 јули 2025 - 09:16