Португалија ја исфрли Франција од фудбалската петорка

Покрај англиската Премиер лига, шпанската Примера, германската Бундеслига и италијанската Серија А, помеѓу најдобрите пет лиги во Европа повеќе не е француската, туку лигата на Португалија.

Со пласманот на Бенфика во четвртфиналето на Лигата на шампиони, како и на Спортинг во истата фаза во Лига Европа, а воедно и со елиминацијата на Олимпик Марсеј од ЛШ, Португалија ја премина Франција на рангирањето на УЕФА.

Рангирањето според кое УЕФА ја одредува распределбата на бројот на тимовите кои ги претставуваат нациите во европските натпреварувања, се врши според коефициентите, односно резултатите остварени во последните 5 сезони.

Тоа значи дека Португалија си осигура три претставници во Лигата на шампиони, а од сезоната 2013/14, третиот претставник од Франција ќе мора да игра во третото квалификациско коло.

Минатата година Германија успеа да ја престигне Италија на третото место, па од следната сезона само три италијански клубови ќе играат во Лигата на шампиони, а Германците за прв пат по десет години ќе имаат четири свои клубови во најелитното европско клупско натпреварување.

Успехот на АПОЕЛ му донесе скок на Кипар од 20-та на 16-та позиција и сега ги дели само една позиција од обезбедување уште едно место во Лигата на шампиони. На 15-та позиција во моментов се наоѓа Австрија.

Македонија си е закована на 39-та позиција.

4 април 2012 - 13:20