Ако некој мисли дека нашите фудбалери можат да врзат две победи по ред се лаже, бидејќи со ваква игра која за само едвај една третина од мечот може да добие прелазна оценка, не се победува натпревар.
Фудбалерите на Македонија и Иран го прерипаа она познатото „испитување на силите" и веднаш тргнаа во офанзива што резултираше со 3 гола за 20 минути игра. Одбраната на нашиот национален тим формирана од Шиков и Зајков на стоперските и Стефан Ристовски и Кире Ристевски на бековските позиции почна многу несигурно.
Гостите можеа веднаш да поведат од игра но Столе Димитриевски спаси чист гол и ја исфрли топката во корнер по кој Сердар Азмун непречен од никого го отвори резултатот во 8 минута. Иран немаше многу време за радување бидејќи со одличните проигрувања на Горан Пандев бевме и ние опасни во напад и по само две минути игра преку Александар Трајковски го израмнивме резултатот.
Кревката одбрана повторно попушти, а виновникот за новото водство на фудбалерите на Иран беше младиот Зајков кој наместо да ја исфрли топката во аут, киксираше и му дозволи на стрелецот на првиот гол сам да излезе пред Димитриевски и да стрела за 1:2.
Второто полувреме беше уште по проблематично за составот на Игор Ангеловски кој смени шестмина играчи, но тоа не му донесе никакви подобрувања во играта. Македонија покрај лошата одбрана, се мачеше и во напад, а кога го нема Пандев во игра нема ниту употребливи топки пред противничкиот шеснаесетник.
60 минута и нова грешка на средина од теренот која Иран ја претвори за гол со кој ги постигна конечните 1:3. Стрелец повторно Азмун кој стигна до хет-трик.
Во 77 минута Димитриевски ја спаси Македонија од дебакл. Одбраната по кој знае кој пат беше дезориентирана, фудбалерите на Иран имаа ситуација два на еден, но не успеаа да реализираат поради одличниот рефлекс на нашиот голман.
39-та селекцијата според рангот на ФИФА си ја оправда фаворитската улога против 139-та репрезентација во светот.