За ФК Осогово кои веќе некое време ги нема нешто на Твитер со своите препознатливи досетки, сме пишувале повеќе пати.
За брзо време станаа најсимпатичниот клуб во Македонија кој ги урна стереотипите дека мал клуб од кутра лига, не може или не знае како да се истакне на социјалните мрежи.
Напротив, дечките растурија и како второлигаши станаа најмодерен клуб со сопствен веб сајт, Фејсбук, Твитер, Инстаграм и Јутјуб.
Само како потсетување, еден Лион почна да ги следи на Твитер, а Рома твиташе за нив, па дури и ги прогласи за тим на денот.
Оваа екипа, која за жал сега е дел од трета лига, синоќа беше посебно горда, бидејќи на мечот Македонија - Фарски Острови дебитираше нивен поранешен член.
Се работи за 22 годишниот Јован Манев кој влезе во вториот дел на местото на Дарко Велковски.
„Среќен сум што добив покана од селекторот и ќе се потрудам во првата средба за А селекцијата да ја оправдам довербата. За мене ова е исполнување на сонот. Сега е време да се докажам и во најдобрата македонска селекција“, изјави Манев за „Штипски асови“.
Манев е роден во Кочани, кариерата ја почна во Осогово сезоната 2017/2018, а потоа играше за Брегалница Штип. Има настапи и за селекцијата У-20 и У-21.
Лани направи голем исчекор во кариерата и на 3 јули потпиша едногодишна позајмица во Адана Демирспор. Тренер му е славниот Винченцо Монтела, а два месеци клупски колега му беше Марио Балотели кој на 31 август замина во Сион.
Адана котира на одличната четврта позиција и е на -4 зад Бешикташ. Се работи за тим со многу интернационални. Таму е ветеранот Гокан Инлер од Швајцарија кој беше првотимец на Удинезе и Наполи.
Брани Горан Карачиќ, инаку брат на ракометарот Игор Карачиќ.
Осогово на Фејсбук напиша дека Јован Манев е најмладиот капитен во историјата на Осогово, а покрај нив, честитки за дебито за Македонија доби и од Турците.
Да се надеваме дека Македонија со ова име ќе добие големо освежување во одбраната.