Повеќе од јасно е дека вонредната ситуација со коронавирусот ќе изврши економски удар врз цел свет, а тоа во милиони ќе се одрази онаму каде што се вртат милиони, се разбира.
Според некои први проценки кои денеска излегоа во италијанскиот печат, загубите на клубовите од првата лига може да се движат од 160 до 200 милиони евра, па се до 600 – 700 милиони, во случај сезоната воопшто да не заврши.
Поради тие причини италијанските фудбалски власти почнаа да водат дискусија за намалување на платите на фудбалери, со цел што полесно да се поднесат штетите од паузирањето на фудбалот.
Со оглед на огромните примања на фудбалерите, кои само оваа сезона сите заедно вкупно само од плати ќе заработат 1,36 милијарди евра, за да се заштеди логично е да се дојде до нивно кратење.
Првично се зборува да им скинат од 10 до 30% или поточно на тие што имаат годишна плата од 1,5 милиони евра да им се одбие 10-15%, а оние што се со над 1,5 да им скратат до 30%.
Затоа што се полни ко брод, играчите тоа нема да го осетат, а збирно би помогнале многу бидејќи уште месец – два, а можеби и повеќе, клубовите нема да остваруваат приходи. Проценките се дека така би заштедиле околу 260 милиони евра со кои може да покријат некои дупки.
За нашите тројца математиката со 10% би изгледала вака. Елиф Елмас – 120.000 евра (1,2 милиони евра годишна плата), Илија Несторовски – 100.000 евра (1 милиони евра) и Горан Пандев 35.000 евра (350.000 евра).
Најмногу пари ќе му скинат, на оној кој е најплатен, а тоа е Роналдо на кој од годишната плата од 30 милиони евра, ќе му скратат 9 милиони. По него следуваат Де Лихт (2,4), Игуаин и Дибала по 2,2, Рабиот, Рамзи и Планиќ по 2,1, Лукаку, Донарума и Кулибали по 1,8...
Серија А најавено е дека ќе продолжи на почеток на мај, а ќе заврши на крај на јуни, но и тоа не се знае поради овој блесав вирус кој неизвесно е кога ќе ја загуби битката.