Официјалната вебстрана на Белата куќа има секција каде на секој граѓанин му се исполнува уставното право да креира петиција и да приговара до владата за било што. Ако петицијата собере доволно потписи, тогаш Белата куќа е обврзана да испрати официјален одговор.
Откако е креиран овој сервис, граѓаните на САД испратиле многу петиции, а помеѓу нив и многу нереални и комични. Една од нив беше и петицијата од фановите на серијалот „Војна на ѕвездите" со која тие побараа САД да го изградат супероружјето "Death Star". Петицијата собра доволно потписи, па и административците од Белата куќа мораа да одговорат дека не се во можност да го изградат затоа што ќе чини 850.000.000.000.000.000 долари.
Така и еден навивач на Бока Јуниорс креираше петиција со која упата барање директно до претседателот Барак Обама да го контактира претседателот на клубот Даниел Ангеличи и да се осигура дека Рикелме ќе остане.
Аргентинската легенда Хуан Роман Рикелме во моментов е без договор и неколку клубови се заинтересирани за неговите услови, но навивачите на Бока Јуниорс не сакаат да дозволат 34-годишниот фудбалер да го напушти нивниот тим.
За да добиеше официјален одговор од администрацијата, петицијата требаше да добие 100.000 потписи до 7 март, но за жал по неколку часа таа беше избришана заради нарушување на некои правила на сервисот на Белата куќа.